Фото: Пиксабеј

Најмалку едно лице е повредено минатата моќ во нов оружен инцидент во Брисел, соопшти денеска белгиската полиција, додавајќи дека е можно да има уште еден повреден, кој е во бегство.

Како што јави државната телевизија ВРТ, инцидентот се случил околу 23.45 часот во бриселската населба Ворст, кога најмалку едно лице отворило оган од автоматско оружје. Напаѓачот или напаѓачите се во бегство и полицијата трага по нив.

На местото на инцидентот полицијата пронашла најмалку 30 чаури.

Полицијата информира дека затекнатото ранетото лице се здобило со полесни повреди во раката и е вон животна опасност.

Пред речиси две недели во реонот на синоќешниот инцидент во Ворст бриселската полиција спроведе акција за справување со шверцот на дрога, при што беа извршени претреси во поголем број продавници, канцеларии и кафулиња.

Инаку, синоќешниот се надоврзува на серијата оружени инциденти во Брисел во текот на минатиот месец, при кои беа убиени две лица, а три беа ранети.

Од седумте оружени инциденти во февруари, шест беа во бриселската населба Андерлехт, а еден во соседната Сен Жос, кои се познати по бројната мигрантска популација, пред се од Блискиот Исток и Африка.

Полицијата верува дека овие инциденти се поврзани со „војната“ за контрола на територии меѓу криминалните групи кои се вклучени во шверцот на дрога.