На работилницата насловена „Туристичкиот потенцијал на Македонија“ што се одржа утринава во Прага, генералниот директор на ТАВ Македонија, Неџат Курт, пред најистакнатите чешки туристички агенции и туроператори го презентираше туристичкиот потенцијал на Македонија и улогата на македонските аеродроми во туристичката индустрија.
На покана на чешкиот амбасадор во Македонија Јарослав Лудва и извршниот директор на аеродромот во Прага, Јири Пос, Курт во Прага ја отвори темата за повторно воспоставување на авиолинијата меѓу двата главни града Скопје и Прага, нагласувајќи дека сите чинители во воздухопловството, туристичката индустрија и дипломатијата мора да работат заедно за да се создаде побарувачка за авиокомпанија која ќе ги најде своите деловни причини да ја воведе оваа директна авиолинија.
-Покрај капиталните инвестиции што ги направивме за модернизирање на македонските аеродроми, во исто време низ годините вложивме многу напори да ги пласираме не само двата македонски аеродроми, туку и Македонија како туристичка дестинација на многу странски туроператори и авиокомпании. Ова значи колку авиокомпании за првпат воведоа нови дестинации од скопскиот и охридскиот аеродром. Ние навистина веруваме во туристичкиот потенцијал на Македонија, затоа целосно се вклучуваме во промоцијата, на секој саем за воздухопловство и туризам каде ТАВ Аеродроми е учесник, на сите воздухопловни конференции каде што можеме да се сретнеме со клучните лица од авиокомпаниите и туроператорите. Се надевам дека ќе ја откриете Македонија како нова опција за патување за чешките граѓани и уверен сум дека денес ќе започнеме нови партнерства со некои од вас кои ќе бидат заинтересирани за нашиот пазар. Ајде да работиме заедно и да создадеме побарувачка за директна авионска врска меѓу Скопје и Прага, што може да доведе до повторно воспоставување на директната авиолинија меѓу двата главни града од страна на авиокомпанија која ќе најде деловни причини да ја воведе – изјави Курт.
Работилницата на аеродромот во Прага, насловена „Туристичкиот потенцијал на Македонија“ ги собра најистакнатите туристички агенции и туроператори од Република Чешка, кои беа запознаени со потенцијалот на Македонија и со можностите за патување на чешките туристи.
ТАВ Македонија ги претстави убавините на земјата и потенцијалот на Меѓународниот аеродром Скопје и аеродромот Св. Апостол Павле Охрид да опслужуваат директни летови од Прага до Скопје и Охрид.
Како продолжение на денешната работилница во Прага, ТАВ Македонија во Скопје ќе организира работилница со македонските туристички агенции за чешките туроператори на која двете страни ќе можат да имаат Б2Б состаноци, со крајна цел – летови меѓу двата главни града.