Фото: ЕПА

Светот е сцена

Романтичната комедија „Анора“ на Шон Бејкер, која ја прикажува Ани, млада сексуална придружничка од Бруклин, која се запознава и импулсивно се мажи за Вања (Иван), син на руски олигарх, доби пет „оскари“, меѓу кои за најдобар филм, најдобар режисер и најдобра актерка, на 97. доделување на најпрестижните филмски награди што се одржа во Холивуд. Филмот ги доби и „оскарите“ за најдобро оригинално сценарио и монтажа (Шон Бејкер) и, на големо изненадување, наградата за најдобра актерка, која отиде во рацете на 26-годишната Мајки Медисон за улогата на Ани во филмот. Американската актерка со наградата в раце, видно возбудена и читајќи го својот говор, ѝ оддаде признание на заедницата на сексуалните работници и рече дека ќе продолжи да ги поддржува.
– Ова е исполнување на сонот, најверојатно ќе се разбудам утре – додаде таа.
Со овој успех авторот на независни филмови Шон Бејкер беше апсолутен победник, бидејќи дома си отиде со три златни статуетки, земајќи ја и наградата за најдобра режија.

– Филмовите треба да се гледаат во киносали, наша задача е да им помогнеме на киносалите – рече Бејкер во еден од своите говори на сцената.
Што се однесува до актерските награди, во категоријата за најдобар актер, „оскарот“ го доби Адриен Броди за филмот „Бруталист“. Ова е втора статуетка за Броди.
– Актерството е кревка професија, иако изгледа гламурозно, а враќањето овде и тоа што можете да го постигнете го докажува тоа. Ова е повеќе од врвот на мојата кариера, и наредните години ќе имам можност да докажам дека сум вреден за ова. Филмот сака да укаже на последиците од војната, да се бориме за она што е правилно, омразата не смее да надвладее – рече Броди посочувајќи и на зголемениот антисемитизам и расизам.
Наградата за најдобра споредна женска улога, очекувано, отиде кај Зое Салдана за филмот „Емилија Перез“.
– Јас сум гордо дете на родители што се имигранти – рече Салдана држејќи ја наградата в раце.
Актерот Киран Калкин, пак, за „Вистинска болка“ ја доби златната статуетка за најдобра споредна машка улога. Тој во оваа категорија ги победи Гај Пирс („Бруталист“), Јура Борисов („Анора“), Едвард Нортон („Целосно непознат“) и Џереми Стронг („Приправник“). Од преостанатите категории, наградата за кинематографија ја доби „Бруталист“, за костимографија, но и за сценографија (продукциски дизајн) – „Злобница“, а за шминка и фризура – филмот „Супстанција“. Наградата за адаптирано сценарио отиде кај „Конклава“. Филмот на Дени Вилнев „Дина: Втор дел“, пак, доби два „оскара“ – за звук и за визуелни ефекти. Со признанието за најдобар анимиран долгометражен филм се закити летонскиот „Поплава“, а за анимиран краток, иранскиот „Во сенката на чемпресот“. Наградата за најдобар интернационален филм отиде кај бразилскиот „Сè уште сум тука“, а „Не сум робот“ беше прогласен за најдобар краток филм. Во категоријата најдобра песна победи „Ел Мал“ (El Mal) за остварувањето „Емилија Перез“, а наградата за најдобра музика (саундтрак) ја доби филмот „Бруталист“.