Амкањето бил обичај што се одржувал вечерта на Поклади, кога потесното семејство се собирало дома. Обичајот се спроведувал така што варено нелупено јајце се врзувало на конопен конец и се обесувало на стапче или на сукало. Потоа децата седнувале крај трпезата или клечеле на колена, а некој од возрасните го нишал јајцето, доближувајќи го кон устата на секое дете, а децата велеле „ам, ам“ и се обидувале да го фатат јајцето со устата. Потоа јајцето се кршело и највозрасниот член на семејството ја вадел варената жолчка и во половините од белката турал малку вода од која сите учесници во амкањето пиеле понекоја капка. Потоа го палеле конецот за да видат каква ќе биде иднината на семејството: ако конецот горел силно, тоа значело дека годината ќе биде здрава и среќна. На крајот, сите деца меѓусебно си простувале, а потоа барале прошка од родителите.