Кон претставата „Мајка“ по текст на Флоријан Зелер во режија на Јордан Витанов и во продукција на НТ „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ од Велес. Улоги: Зорица Панчиќ, Васил Зафирчев, Кире Ацевски, Сандра Танчева

Рецензија

Флоријан Зелер во својата драмска трилогија посветена на семејството главно говори за играњето на улогите во есенцијалниот семеен конструкт, кое секогаш завршува трагично. Овде се поставува прашањето: кои се родовите констелации на сите овие пиеси на Зелер и колку тие сочинуваат трилогија иако се автохтони пиеси. „Мајка“ е една од тие пиеси и нејзината драматургија за своја основа ја има априорната предупредувачка мисла на секоја жена/сопруга, а тоа е можната неверба. Таа премиса е повеќе од позната, но Зелер во оваа пиеса како да ги импрегнирал состојките и од двете други: Татко и Син. Имено, смртта во пиесата за синот и осаменоста во пиесата за таткото се просторите на стравот на мајката, која е обземена од евентуалниот распад на семејството, но претходно од губењето на нејзиното влијание во истото тоа. Конечно, кога зборуваме за влијание, мислиме на женскиот принцип во целата трилогија на Зелер, кој е на многу места погазен, но овој особено талентиран драматичар во овие пиеси (како впрочем и во другите) се занимава со погубноста на човечките темни мисли и дејства.
„Мајка“ на Јордан Витанов импонира со својата едноставност и егзактност. Секако дека кога го употребуваме терминот „чиста“ претстава имаме предвид дека оваа негова режија се занимава со длабочината на есенцијалните релации на мајката во едно семејство, допуштајќи во исто време да излезат на површина и заумностите на самиот лик. Ова режисерско видување е исчистено од секаков вид двосмислености и недоречености и се занимава со длабоката проблематика на мајчините внатрешни стравови, кои ја обземаат целата таа основна социјална и општествена институција, која градејќи своја генеза секогаш се соочува со големи премрежиња и предизвици. Јордан Витанов во својата режија говори низ јазикот на недоумицата на мајката, која станува вирална во оној момент кога заплетот на пиесата на Зелер станува флагрантен, но со својата умешност на искусен театарски деец тој го вовлекува сенсот на внатрешниот конфликт на мајката во целото дејствие како фон, како иницијација, а конечно и како порака. Контекстот и генерално, целата констелација на неговата режија, се движи по некомотните и тесни простори на сомнението и паранојата на мајката/сопругата, но доста суверено владее со органиката на целото дејствие.
Оваа претстава своите најцврсти столбови ги има во актерската енергија, која ја преводи Зорица Панчиќ, која ликот на Ана го игра со голема емотивност. Но нејзината емоција е длабоко во дамарите на двоумењето и двосмисленоста на реакциите. Оваа талентирана актерка многу умешно успева да ги артикулира секој тремор, секоја тензија и секоја недоумица на осамената сопруга и мајка, која постојано е во дилема дали ја одиграла својата улога во семејството, кое е на работ на дезинтеграцијата. Одличната координираност на говорните и емотивните пасажи создава улога што плени и воодушевува, а Зорица Панчиќ низ својата игра како да им влегла под кожата на сите оние „онеправдани“ сопруги и „изневерени“ мајки што очекуваат топол дом и што е најважно од сè – присутност. Зорица Панчиќ со голема сигурност, умешност и цврстина одигрува сопруга што се бори меѓу своите очекувања и својата надоаѓачка осаменост и создава лик што воодушевува со својата комплексност. Наспроти неа е стамениот и студен, секогаш зафатен сопруг чии ангажмани и професионални посветености се поважни од онаа присутност што ја бара неговата сопруга. Васил Зафирчев во оваа улога е дијаметрално различен од сите други улоги што ги одиграл. Импонира со својата добро исцизелирана цврстина и длабока и бескомпромисна рационалност. Неговиот Пјер веројатно живее во некоја друга реалност и зачудувачки гледа на „проблемите“ со кои го соочува неговата сопруга. Зафирчев во оваа улога ја покажува и онаа другата страна на својот талент што досега не сме ја виделе. Неговата етеричност и разиграност во другите улоги, овде успеал да ја собере во суровоста и студенилото на маж/сопруг кому секојдневието му е една здодевна приказна, а припадноста опасен простор за живот. Наспроти него, синот Никола е заточеник на својата бескорисна импулсивност и опседнатост од варијациите на неговата интимна врска. Кире Ацевски е одличен кастинг за оваа улога, млад, надобуден младич што се обидува да ја осмисли својата врска со својата избраничка и тој сосема прецизно го оцртува тој лик на неодлучен и секогаш загрижен за својата интима. Се чини дека овој лик иако редундантен за проблемите на мајка си, дефинитивно не сакајќи да биде „син“ каков што проектирала неговата мајка, на некој начин не сакајќи ги има истите дилеми што ги има и мајка му, а тоа е залудното прибирање на своите семејни состојки во едно гнездо. Гнездото е сè уште непознаница и за девојката на Никола, Елоди, која со едно убаво чувство ја одигрува младата Сандра Танчева, девојка што уште од почетокот го покажува својот анимозитет кон мајката на својот избраник, правејќи сѐ за да ѝ го одземе влијанието врз него. Целата актерска енергија на оваа претстава зборува со еден јазик на компактност, кој е и траекторијата по која сигурно се движи целото дејствие.
Кога зборувам за едноставноста, како првичен квалитет на претставата мислам и на симплифицираната сценографија на прекрасната мала сцена на овој театар, навидум реалистична, но доста сигнификантна со својата мрачност, а која е дело на режисерот Јордан Витанов, каде што се приклучиле и костимите на Раде Василев, кои се движат главно низ темните бои повремено колорирани со боите на желбата на мајката (црвениот фустан) и боите на секојдневието.
Флоријан Зелер не дава одговори на прашањата што ги поставуваат неговите ликови, а не ги решава ни дилемите на семејството од каде што извлекол Татко, Мајка и Син, но не и Ќерка. Оваа трилогија има една проблематична состојка на маскулинизам, но веројатно сето тоа е симбиоза на комплексните ликови на мајки и ќерки во сите три пиеси. Оваа претстава како да се придружува на родовиот конфликт, кој сè повеќе го обзема човештвото со сите погубни варијанти на доминација. Човекот тешко дека ќе успее да излезе од тој родов лавиринт со победничка мисла, но оваа претстава со својата есенцијалност и егзактност уште еднаш ќе докаже дека за добра претстава треба актер и гледач и многу, многу креативност.

Автор: Сашо Огненовски