Вистината и објективноста да бидат идеологија на медиумите

Не ми е намера, ниту треба да се ликува врз падот на довербата во американските медиуми, бидејќи генерално сите во оваа професија се соочуваме со слични тешкотии и проблеми, но при прегледот на состојбата во САД, чија медиумска сцена со години поставува стандарди и трендови, важејќи за глобален медиумски предводник, треба да се истакне дека слободниот и објективен печат што ги почитува професионалните стандарди, заедно со добро информираната јавност, е еден од предусловите за функционирање на општествата. Токму затоа, вистината и објективноста треба да бидат единствена идеологија на медиумите. Сѐ спротивно на ваквата определба за медиумите значи дека ќе продолжат да губат публика и сѐ потешко да опстојуваат, без разлика каде и да се наоѓаат

Голем идеолошки судир се шири насекаде додека светот минува низ турбулентен период одбележан со крупни политички промени и војни. Извесно е оти и оружените конфликти се водат не само поради политички и економски причини туку и поради спротивставени идеологии, при што јасно е забележлива поделбата помеѓу либерализмот и суверенизмот. Идеолошко-политичкиот јаз во Германија минува токму по историската линија на поделба помеѓу поранешна Западна и Источна Германија, што може да се согледа и според резултатите на неодамнешните избори. Во САД, пак, поделбата исто така излезе на виделина по последните избори одржани во ноември, по кои можеби најголема жртва на промените беа либералните медиуми, кои се соочија со губење на рејтингот и кредибилитетот.
Од моментот кога изборната победа на Доналд Трамп стана очигледна, голем дел од десничарските конзервативни медиуми почнаа да ги етикетираат либералните медиуми како најголеми губитници на изборите во САД. А дури и голем број либерални медиуми се согласија со таквото тврдење на нивните неистомисленици. Изборот на Трамп беше отрезнувачки за медиумите со либерална определба што со години водат беспоштедна пропагандна војна против него, истакнувајќи ги сите негови гревови, грешки, мани, сѐ со цел да ја згаснат неговата политичка кариера. Првиот мандат на Трамп, на пример, почна под сомнеж кај либералите дека неговиот изборен штаб бил во заговор со Русија за да влијае врз исходот од изборите. Во анализа посветена на вниманието на медиумите кон приказната за Русија, американскиот магазин „Колумбија џурнализм ривју“ тврдеше дека известувањето за таа тема директно придонело за пад на довербата во печатот, имајќи предвид дека официјалната истрага не открила докази за каков било заговор.
Либералните медиуми не успеаја во своите замисли и враќањето на Трамп на власт беше отрезнувачко за нив, соочувајќи ги со прашања за нивниот кредибилитет, влијание, публика, што и самите го признаваат. Тие што му посакуваа политичка смрт на Трамп сега слушаат како ги прогласуваат нив за „мртви“. Претприемачот Патрик Бет-Дејвид при гостување на Доналд Трамп во неговиот поткаст во октомври му честиташе на соговорникот за „убиството на мејнстрим-медиумите“, на што гостинот му одговори: „Го направив тоа. И јас сум многу горд на тоа“. Не треба да се оди толку далеку со фаталистички гледишта за големите медиумски куќи, но извесно е дека тие се загрижени поради губењето на некогашните позиции. Некогаш доминантните американски кабелски информативни мрежи со години ја губат гледаноста. На пример, либералната „Ем-ес-ен-би-си“ имаше 5,5 милиони гледачи на изборната ноќ во САД, што е помалку од публиката од 7,3 милиони во 2020 година. Всушност, „Си-ен-ен“ и „Ем-ес-ен-би-си“ изгубиле околу половина од своите гледачи по изборите во САД според извршените анализи, кои открија дека, од друга страна, гледаноста на конзервативниот „Фокс њуз“, што е на линија со политиките на Трамп, вртоглаво пораснала. Гледаноста на либералните мрежи во САД забележала пад од 38 отсто во однос на предизборниот период, кога изнесувала 521 илјада гледачи дневно.

„Во годишните јавни истражувања за довербата и угледот, новинарите и медиумите редовно паѓаат блиску до самото дно, честопати веднаш над Конгресот на САД. Но во годинашната анкета на ’Галуп‘ успеавме да паднеме под Конгресот. На нашата професија сега ѝ се верува најмалку. Нешто што правиме очигледно не функционира“, напиша сопственикот на американскиот весник „Вашингтон пост“, Џеф Безос, осврнувајќи се на работата на американските медиуми.
Првото нешто што треба да се истакне за омразата и презирот упатени кон американските либерални медиуми е дека тие работеа напорно за да ги заработат, со тоа што не успеаја да ја вршат својата работа, а тоа е да ја задржат својата независност, да го информираат електоратот и да ја кажат вистината наспроти пропагандата. А критичарите реагираат и на појавата во која најголемите имиња во медиумската индустрија ги „приспособуваат“ фактите за тие да одговараат на нивните агенди. На овој начин британски „Гардијан“ ја прокоментира медиумската состојба преку Атлантикот по изборите во САД.
Не ми е намера, ниту треба да се ликува врз падот на довербата во американските медиуми, бидејќи генерално сите во оваа професија се соочуваме со слични тешкотии и проблеми, но при прегледот на состојбата во САД, чија медиумска сцена со години поставува стандарди и трендови, важејќи за глобален медиумски предводник, треба да се истакне дека слободниот и објективен печат што ги почитува професионалните стандарди, заедно со добро информираната јавност, е еден од предусловите за функционирање на општествата. Токму затоа, вистината и објективноста треба да бидат единствена идеологија на медиумите. Сѐ спротивно на ваквата определба за медиумите значи дека ќе продолжат да губат публика и сѐ потешко да опстојуваат, без разлика каде и да се наоѓаат.