Заврши 75. „Берлинале“

Со победата на филмот „Соништа (секс, љубов)“ заврши 75-то издание на Берлинскиот филмски фестивал. Оваа љубовна драма на норвешкиот режисер се закити со главната награда – „златна мечка“ за најдобар филм на фестивалот, во конкуренција со осум други филма.
Овој филм претставува трето продолжение од трилогијата за човечката сексуалност и е фокусиран на љубовта на една млада жена (Ела Овербај) кон нејзината професорка по француски јазик (Селоме Емнету). „Соништа (секс, љубов)“ својата премиера ја имаше во Норвешка минатата есен. Првиот дел од трилогијата на режисерот, „Секс“, беше одигран на „Панорама“ во Берлин минатата година. Вториот дел, „Љубов“, беше премиерно прикажан на филмскиот фестивал во Венеција во 2024 година, каде што се натпреваруваше за „златен лав“.
Јохана го документира нејзиниот интензивен занес со нејзината професорка по француски јазик. Нејзината мајка и баба на крајот ги читаат тие интимни списи и остануваат згрозени од содржината, но трогнати од моќниот стил и приказна. Јохана се движи помеѓу романтичните идеали и реалноста, истражувајќи ги емоциите на самооткривање, љубов, сексуалност…
Режисер и сценарист на овој филм е наградуваниот Даг Јохан Хаугеруд, кој ги режираше и филмовите „Љубов“ и „Секс“ во 2024 година. Сите три всушност претставуваат специфична трилогија, секс-соништа-љубов, чија цел е да ги истражи желбите, идентитетите и копнежот за слобода, кои можат да се гледаат целосно независно еден од друг.