Борис Трајковски: Мојата визија е да создадеме општество засновано на демократија, владеење на правото и слободна пазарна економија и конечно да создадеме општество засновано на доверба. Ние го правиме тоа, но не е доволно само да се зборува за демократија, а истовремено да се дозволува цветање на криминалот и корупцијата
Дваесет и една година од загинувањето на претседателот на Македонија, Борис Трајковски
На вчерашен ден (26 февруари) во 2004 година во авионска несреќа близу Мостар загина македонскиот претседател Борис Трајковски. Во несреќата, покрај претседателот, животот го загубија Димка Илкова-Бошковиќ, Ристо Блажевски и Анита Кришан Лозановска од Кабинетот на претседателот, Миле Крстевски од Министерството за надворешни работи, Борис Велинов и Аце Божиновски, членови на обезбедувањето, и пилотите Марко Марковски и Бранко Ивановски.
Во Скопје, Струмица и во Ротимље близу Мостар вчера беа одбележани 21 година од авионската несреќа во која животот го загубија поранешниот претседател Борис Трајковски, членови на неговиот кабинет и екипажот на авионот. Членови на семејствата, државни и други делегации положија цвеќе на гробот на Трајковски на Градските гробишта Бутел во Скопје и на спомен-обележјата во Ротимље и во Струмица.
Исклучително активен претседател на Македонија
Трајковски е запаметен како исклучително активен претседател на Македонија, кој патувал во повеќе од 20 земји, вклучувајќи ги Австрија, Белгија, Канада, Хрватска, Естонија, Германија, Литванија, Полска, Србија и Црна Гора, Швајцарија, Украина, Велика Британија и САД. Тој одржа голем број обраќања на форуми, како Светскиот економски самит во Давос, Советот на Европа, Обединетите нации и Процесот на соработка во Југоисточна Европа, како и во парламентите на неколку земји. Трајковски имаше средби со шефови на влади и шефови на држави и беше лидер во регионот на Југоисточна Европа, барајќи поголема соработка и помирување. Тој има особено значење во создавањето на Јадранската повелба, соединувајќи ги Македонија, Хрватска и Албанија за колективно лобирање за членство во НАТО.
Граѓаните го паметат како човек од народот, близок до народот. Тој го слушаше пулсот на нацијата патувајќи низ Македонија, слушајќи и разговарајќи со граѓаните, со земјоделци, бизнисмени, едукатори и верски лидери. Трајковски одржуваше одлични односи со сите членови на Владата, како и со амбасадори и претставници на странски земји и организации со седиште во Македонија.
За потсетување, кон крајот на 1999 година стана вториот претседател на самостојна и независна Македонија, кога на директни демократски избори го порази својот политички ривал Тито Петковски. За претседател на Република Македонија беше инаугуриран на 15 декември 1999 година, наследувајќи го Киро Глигоров. Во текот на својот мандат беше посветен на демократските процеси и евроатлантската ориентација на Република Македонија, а особено значење одигра во надминување на воениот конфликт во 2001 година.
Политиките на вториот македонски претседател ги дознаваме од следнава негова изјава: „Мојата визија е да создадеме општество засновано на демократија, владеење на правото и слободна пазарна економија и конечно да создадеме општество засновано на доверба. Ние го правиме тоа, но не е доволно само да се зборува за демократија, а истовремено да се дозволува цветање на криминалот и корупцијата“. П.Р.
Историската изјава на македонскиот претседател Борис Трајковски
Трајковски, како заменик-министер за надворешни работи во 1998 година, го привлече вниманието на јавноста кога во екот на бегалската криза на Косово ѝ порача на меѓународната заедница: „Испратете авиони и земете ги бегалците ако не сте задоволни од нивниот третман овде“! А претходно македонската држава беше обвинета дека нехумано ги третира бегалците и покрај фактот што сите државни институции беа искористени за потребите на над тристата илјади косовски Албанци. Неговата изјава беше во контекст дека меѓународната заедница треба да ја разбере положбата на македонската држава и дека е потребна поголема помош однадвор. П.Р.
Таткото на Борис Трајковски како затвореник во 1946 година работел на изградба на претседателската резиденција во која престојуваше Борис Трајковски
Од биографија на претседателот Борис Трајковски има и еден интересен податок, кој е поврзан со неговиот татко Кирил. Тој бил затворен поради идеолошки и религиозни причини, според тогашното кривичноправно позитивно право (јуни 1946 година, веднаш по завршувањето на Втората светска војна), иако се борел на страната на македонските партизани. Кирил Трајковски првично бил затворен во период од две години, но добил амнестија во јули 1947 година. За време на издржувањето на казната во тогашниот затвор на Кале во Скопје, работејќи физички работи, тој работел и на претседателската вила, која еден ден стана дом на неговиот син Борис. П.Р.
Потсетување за постоење на двојство во истрагите и извештаите
поврзани со смртта на претседателот Борис Трајковски
За падот на авионот и погинувањето на претседателот Трајковски во атарот на Матиќ Брдо кај селото Хусковиќи, во близината на Мостар, за причините за падот на „кингерот“, за дилемите и индициите дали се случила „авионска несреќа или било извршено дело тероризам“, беа извршени две истраги и објавени два извештаја, на две комисии, со кои раководеа лицата експерти Салко Бегиќ и Омер Кулиќ. Во комисиите учествуваа и наши експерти.
И во двата извештаја (кои се разликуваат) како причина за падот на „кингерот“ се наведуваат пилотски грешки и други индиректни системски пропусти.
Во првиот извештај како директна причина за падот на „кингерот“ се наведени „процедурални грешки во приодот за слетување, по висина и по место, на аеродромот во Мостар, на контролиран лет“. По барање на Македонија, со поддршка од европратеникот Андреас Грос, по собирањето на дополнителните докази од страна на нашето МВР беше отворена нова истрага во јануари 2013 година, која ја водеше Кулиќ. Во вториот извештај се наведени и системските пропусти, а е објавен и транскриптот од црната кутија односно целиот разговор меѓу пилотите и разговорот со контролата на летање. Седум постапки во текот на летот од страна на пилотите и пет системски грешки на надлежни институции во нашата земја и во Босна и Херцеговина се причините за уривање на „кингерот“, се наведува во вториот извештај што го презентираше Кулиќ. Нашата земја во целост ги прифати наводите со дополнителни предлози што се однесуваат на системот ВОР, самата процедура, барањето и спасувањето по падот на „кингерот“ и формулацијата за пловидбеноста на воздухопловот. Но, за нашата држава е нејасно зошто е пренасочена локацијата каде да се бара авионот, иако Кулиќ вели дека контролорот на летање знаел каде е урнат авионот. П.Р.
Рекоа за Борис Трајковски…
Поранешниот претседател на Хрватска, Стјепан Месиќ
– Нема сомнеж дека тој покажа силно лидерство во многу тешко време, бидејќи по трагичните судири беше потребно да се обновени довербата помеѓу различните етнички заедници, а тоа не е нималку лесна задача. Тој имаше многу морал и етичност и многу жалам што многу рано нѐ напушти, но не можам а да не се запрашам дали можеби сега во неговата татковина се остваруваат неговите соништа.
Поранешниот албански претседател Алфред Мојсиу
– Трајковски бил мудар, страстен и незаборавен. По толку години од неговата смрт, неговата работа и придонес не се заборавија. Тој е бесмртен во однос на вредностите и она што го направи во интерес на својот народ и на целиот Балкан.
Поранешниот специјален претставник на ЕУ во Македонија, Ален Лероа
– Трајковски не беше многу популарен, бидејќи беше храбар и не го кажуваше тоа што сакаше некој да го чуе, туку ја кажуваше вистината. Трајковски беше опседнат со судбината на земјата. Беше голем државник со високи вредности и вистински демократ, кој ги ценеше луѓето. Сите лидери имаа целосна доверба во него и во неговата визија. Тој беше секогаш достапен кога требаше да се донесе некое важно решение. Имаше емпатија за сите. Верувам дека неговите вредности ќе останат инспирација за сите лидери во оваа земја, но исто така и во Европа. Соработував со него и можев да ги видам неговата визија и неговата одговорност во преземањето одлуки во корист на сите луѓе и во корист на земјата.
Сер Барни Вајт Спанер, поранешен висок функционер на НАТО
– Трајковски ги донесе вистинските одлуки што водат кон мир и просперитет. Да го славиме како човек што ја доведе оваа земја на вистинскиот пат. П.Р.