Европа е тука да ја зајакне Украина во овој критичен момент и веќе во март ЕУ на земјата ќе и исплати дополнителни 3,5 милијарди евра помош, најави денеска претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен во обраќањето на Меѓународниот самит за поддршка на Украина, што се одржува во Киев.
– Ќе презентирам и сеопфатен план за тоа како да ги зголемиме нашето европско производство на оружје и нашите одбранбени способности. И Украина, исто така, ќе има корист од тоа – нагласи Фон дер Лајен, најавувајќи дека главен приоритет на ЕУ во наредните недели ќе биде да се забрза итната испорака на оружје и муниција за земјата.
Фон дер Лајен оцени дека никој не сака мир повеќе од народот на Украина, но дека до праведен и траен мир се доаѓа само преку сила.
– Затоа ја зајакнуваме вашата економија. Тоа е причината зошто ја зголемуваме прилагодливоста на вашето снабдување со енергија. Затоа ќе продолжиме со обука и опремување на вашите војници – рече Фон дер Лајен.
Претседателката на ЕК потенцира дека во тие рамки е и денешното усвојување на нашиот 16-тиот пакет санкции на ЕУ кон Русија.
– Ќе ги зголемиме казнените санкции против Русија, освен ако таа не покаже вистинска волја да се постигне траен мировен договор – нагласи Фон дер Лајен.
Таа посочи дека 24 февруари 2022 година вечно ќе остане запомнет како неславен ден.
Според неа, Путин повеќе од кога било се труди да ја добиеме оваа војна на терен и негова цел останува Украина да капитулира.
– И тогаш знаеме што може да се случи следно. Затоа што тоа веќе се има случено претходно. Не е во прашање само судбината на Украина. Тоа е судбината на Европа. Затоа, нашиот прв приоритет останува да зајакне отпорот на Украина – истакна Фон дер Лајен, потсетувајќи дека ЕУ и нејзините земји членки досега обезбедија поддршка за Украина во износ од 134 милијарди евра.
Таа потенцира дека е потребно и зајакнување на отпорноста на ЕУ во услови кога таа презема поголема одговорност за сопствената безбедност, но дека кога се говори за безбедноста, не се мисли само на нејзината воена димензија.