Германскиот филм за деца „Уау! Порака од вселената“ во режија на Феликс Биндер, од вчера премиерно се прикажува во Скопје и во Битола. Во Кинотеката и во киното „Милениум“ во Скопје, филмот се прикажува во терминот од 18 часот, додека во киното „Манаки“ во Битола денеска ќе игра во терминот од 19 часот, а утре од 17 часот.
Станува збор за авантура за целото семејство во која главните ликови се 11-годишните Анабел („Били“) и Дино. Тие се убедени дека со нив контактирале вонземјани. Но никој не им верува. За време на посетата на Европската вселенска агенција, нивната авантура добива неочекуван пресврт кога случајно се лансирани во вселената. Сега тие се впуштаат во незаборавна потрага по вонземјаните, која ќе го тестира нивното пријателство и ќе ги однесе на патешествие што го одзема здивот.
Филмот „Уау! Порака од вселената“, базиран на оригинално сценарио на Марк Мајер, претставува визуелно богата и епска детска авантура. Продуциран е од тимот што стои зад некои популарни семејни хитови како „Младиот Винету и изгубените биволи“, „Познатата петорка“ и „Дивата фудбалска банда“.
Филмот беше премиерно прикажан на Меѓународниот филмски фестивал „Шлингел“ во германскиот град Кемниц и на фестивалот „Синекид“ во Амстердам.
Дистрибутер на филмот е „Катавеј“ од Скопје, со поддршка од „Џерман филмс“.