Фото: „Нова Македонија“

Од Службата за односи со јавноста на Јавното обвинителство денеска информираат дека доставен е предлог за определување мерка – притвор за осомничен за кривично дело „грабнување“.

– Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка против едно лице на возраст од 56 години, за кого постои основано сомнение дека сторило кривично дело – грабнување според член 141 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик – појаснуваат од ЈОРСМ.

Вчера во населбата Ѓорче Петров, осомничениот извршил грабнување на едно лице со намера со закани по живот да го присили да му го врати долгот – парични средства во износ од 8.000 денари и мобилен телефон вреден 12.000 денари.

– Околу 1:30 часот по полноќ, додека оштетениот спиел дома, осомничениот со остар железен предмет – сатар започнал да ја крши влезната врата, насилно ја отворил и влегол внатре. Со закани дека ќе го убие, го удрил оштетениот со сатарот по главата, градниот кош и грбот, го присилил да се облече и го одвлекол до својот дом. Таму го заклучил и го држел присилно да не избега, постојано заканувајќи му се дека ќе го убие, ако не му го врати долгот – се појаснува во соопштението.

Околу 5:30 часот, кога осомничениот заспал, грабнатиот ја искористил приликата, го зел клучот и избегал, по што веднаш го пријавил настанот.

– Бидејќи постојат законски основи – опасност од бегство, можност да влијае врз сведоците/жртвата или да го повтори кривичното дело, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд – Скопје, достави предлог за определување мерка – притвор за осомничениот – се истакнува во соопштението.