Трета сесија од циклусот „Процеп во процес“

„Кога книжевноста оживува на филмското платно“ е третата сесија од литературно-едукативниот циклус, кој полека си го дефинира и оправдува своето име „Процеп во процес“, а кој деновиве се одржа во фоајето од центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп, во соработка со филмскиот фестивал на кратки филмови „Винтер априкот“.
Гостинка на настанот беше Ана Опачиќ, доцентка на универзитетот „Еуропа Прима“ и теоретичарка на филмската уметност, со нејзината докторска дисертација спакувана во книжевен формат со наслов „Авторски политики во филмските адаптации“. Книгата ја промовираше Звонко Димоски, а модератор беше Александар Еленин.
– Ова теориско и аналитичко дело, во три сегменти (како што е конципирана неговата содржина), преку апликативен модел на анализа прави истражувачко спојување на две круцијални уметнички форми – книжевноста и филмот. Притоа Опачиќ загатнува неколку клучни прашања од областа на интермедијалноста при филмските адаптации на книжевни дела. Дополнително, таа прави паралели за „можностите и неможностите“ на филмскиот и книжевниот јазичен израз и нивните меѓусебни дополнувања и за границите на авторството во филмската уметност при обработка на книжевно дело, сето тоа анализирано низ филмските адаптации врз примерите на новелата „Смрт во Венеција“ на германскиот писател Томас Ман во истоимениот филм на италијанскиот режисер Лукино Висконти, на драмата „Војцек“ на германскиот писател Георг Бихнер во истоимениот филм, во режија на германскиот режисер Вернер Хергоц, и во поезијата на рускиот писател Арсениј Тарковски во филмот „Огледало“, во режија на неговиот син Андреј Тарковски – беше кажано на настанот.
Промоцијата е воведен настан во тридневното деветто издание на интернационалниот филмски фестивал на краток филм „Винтер априкот“, кој се одржува од 6 до 8 февруари, традиционално во Прилеп.

Ка.М.