Децата треба да следат настава, сѐ друго е решливо. Инсистирам дека тие треба да бидат во училниците, им порача министерката за образование и наука Весна Јаневска на родителите кои трет ден не ги пуштаат своите деца во Основното училиште „Гоце Делчев“ во струшко Подгорци.
Бојкотот на наставата е поради нивното незадоволство од одлуката на министерката да назначи директор на училиштето. Тие со тоа не се согласуваат и бараат да биде назначен кандидатот на Училишниот одбор, но тој не ги исполнувал условите.
– Во Подгорци има мал проблем, затоа што, генерално, тешко се наоѓа директор кој исполнува одредени услови. Сметам дека овој проблем релативно брзо и лесно ќе се реши. И мора да се реши. Затоа што ние мора да научиме дека учениците ни се фокусот на кој треба да се посветиме. Точно е и тоа дека во минатото внимание се посветувало на многу други нешта за разлика од тоа децата да стекнат знаење. Инсистирам дека децата треба да бидат во училниците, сѐ друго е решливо, децата треба да следат настава – рече Јаневска одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција.
Според неа, во овој случај почнала да се вмешува политиката со тоа што на МОН не му се дозволува „да си ја заврши работата така како што треба“.
– Кој ќе биде директор е битно од тоа какви менаџерски способности има. Бојкотираат едни родители, па бојкотираат други родители. Директорот треба да ја организира наставата. Апелирам до тие родители дека најважно е нивните деца да се во училиште и да се воспитуваат и образуваат – истакна Јаневска.
Таа за в.д директор го назначила Горан Наумоски кој го замени претходниот в.д директор, кој исто така беше именуван од неа во октомври минатата година, кога на градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко, МОН му ги одзеде ингеренциите за ова училиште во Подгорци.