Македонските љубители на шахот и во 2019 година ќе можат да уживаат во играта на големите шаховски мајстори. В година во Скопје треба да се одржи јубилејното 20-то Европско поединечно првенство за мажи во класичен шах, што ќе претставува нов голем спортски настан. Две години подоцна, пак, во 2021 година, Охрид ќе биде домаќин и на екипното ЕП за мажи и жени. Така, постои реална можност покрај многуте врвни шаховски имиња, на екипното ЕП да игра и актуелниот светски првак, Норвежанецот Магнус Карлсен, кој бил дел од својата репрезентација на ЕП во 2015 година во Рејкјавик.
– Она што беше најавувано и порано, доби и официјална потврда, на средбата помеѓу претседателот на Европската шаховска унија, Зураб Азмајпарашвили, и директорот на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски, одржана во просториите на АМС. На ЕП, кое е предвидено да се игра во март, се очекува да настапат над 300 шахисти речиси од сите европски земји – вели Благоја Богоевски, претседателот на ШФМ.
Ова ќе биде вторпат во Македонија да се организира поединечно ЕП, по она во Охрид во 2001 година, каде што настапија 203 шахисти, а триумфира велемајсторот (ВМ) од Израел Емил Сутовски. Досега ЕП двапати се одржало само во бугарскиот град Пловдив (2008 и 2012) и во Батуми, Грузија (2002 и 2018). Во екипна конкуренција Македонија никогаш не била домаќин на ЕП, Грција била трипати, а по двапати Австрија, Германија, Шведска и Бугарија.
Двирниј најдобар во фишеров шах
Италијанскиот велемајстор (ВМ) Данил Двирниј (2.485, рангиран 18-ти, пред турнирот) победи на брзиот турнир во т.н. фишеров шах (почетната постава на фигурите се одредува компјутерски), што се одржа во рамките на Европското првенство (ЕП) во забрзан и брз шах што се игра во Скопје. Во конкуренција на 57 шахисти (седум ВМ, 12 ИМ, две ЖИМ, седум ФМ) од 18 држави, победникот освои осум поени од девет можни. Втор е ФИДЕ-мајсторот (ФМ) од Турција Бахадир Озен (2.349, рангиран 20-ти), со седум поени, а трет е интернационалниот мајстор (ИМ) од Русија, Богдан Белјаков (2.459, рангиран 11-ти), исто така, со седум поени, но со послаб дополнителен критериум. Македонија настапи со осум шахисти, а најдобар пласман оствари ИМ Орце Данчевски (2.346, рангиран 21.), кој со шест поени го освои 16-то место. Г.И.