Трамп на сцена

Трамп сурово но јасно кажа дека Европа веќе е бледа цивилизациска творба и е маргинален играч на планетарната сцена или, фигуративно, во океанот со екстремно крупни крокодили. А во контекст на Трамповата европска дијагноза во заднина е и сугестијата (Трамп тука ја користи поетската стратегија на Маларме) за незрелоста или, поарно, глупавоста на Европа во нејзината борба со Украина против Русија, за што, ако ги читаме неговите шифри, таа допрва ќе ја плаќа цената…Може само да се
претпоставува каков поразителен ефект ќе има таа на бриселските политбирократи, кои не ги бива ни за обична стандардна политика, а камоли за нешто друго

Еве и јас да кажам нешто, драг читателу, по повод инаугуративниот говор на Трамп пред десетина дена во Вашингтон. Но не како политички аналитичар. Сега за сега нека биде тоа поглед и на еден поет, кој ги користи сликите на јазикот и ги растајнува, повеќе отколку што ги анализира, со клучот на скриените асоцијации и аналогии. Не претерувам. Не се сложувам со Томас Елиот дека поетите би биле најдобри државници, превидувајќи го анимозитетот на најдобрите кон политиката, а тие се важни, а не просечните, политички полтрони и подопашници. Најдобрите од нив, според мене, евентуално би биле добри за кралски советници. Но кралевите никогаш немале доверба во нив оти се неподмитливи. Што мислиш, драг читателу, дали во тој контекст, на пример, Черчил би го избрал Шекспир за свој советник? Јас мислам не, бидејќи тој во една своја драма жестоко го искритикува ксенофобичниот менталитет на Англосаксонците, а тоа нема да му се допадне нему и на неговиот тврд англосаксонски нарцизам.
Добро. Вообичаено пак малку ноншалантен вовед во сериозна тема. Вртиме околу центарот за да влеземе во него. Не од скрупулозност, туку од наивна намера за влез во струјата на малку поослободените од тврда политичка догма асоцијации и аналогии. Се разбира, ако е и докрај можно тоа во тема како нашата денеска. Оти мене говорот на Трамп ме интересираше и од еден чисто психоантрополошки аспект, како некој што е роден и е жител на едно „смачкано племе“, иако, се разбира, не од гледна точка на инфериорност и пониска вредност. Напротив. Оти тука наеднаш длабоко од потсвеста, а може и од натсвеста, како што би рекол Јунг, проработе моето античко колективно Јас, и тоа го доживеав и пред да почне Трамп како некој миг на откровение. Дури потоа во еден миг во говорот во таа смисла и ја видов фигурата на Трамп како Филип Македонски, што ја зацврстува македонската држава, која наскоро со Синот ќе се отвори кон светскиот простор. Еве. Како што гледаш, драг читателу, сегде има поезија, па и во говорот на Трамп. Фасцинантно и реално. Туку денот пред да почне тој, речиси го завршував за „Нова Македонија“ мојот подолг есеј „Цивилизацијата како рана“, кој како да беше во некој телеолошки дослух со Трамп.

Како? Јас со темата цивилизација посебно почнав да се занимавам по Лисабонската декларација (1992), кога сфатив дека Македонија и Македонците се цврсто зграпчени во крвавите челусти на цивилизацијата, сега со префиксот Западна, и сфатив дека тој збор е за нас многу страшен, ноќна мора. Така. И затоа мене ме полазија трпки кога Трамп го спомна во говорот тој збор. Само еднаш, но доволно за моите морници. Може и самиот не е свесен, но како да е искусен зен-будист ја погоди наслепо со стрелата целта. А што значи тоа? Значи дека тој едноставно со тоа ја реактуализира силно модерната западна политичка и антрополошка теорија, истовремено и како психодијагноза, за традиционалниот поим цивилизација како пронајдок, привилегија и сопственост на моќниот колонизаторски Запад. Во случајот на Трамп: на Америка, особено по Втората светска војна и Хирошима и Нагасаки. Оти тој изговори цивилизација во контекст на американската планетарна моќ и енергија. Така. Друго е пак што ние знаеме дека генезата на тој поим е втемелена во примордијалните магиски култури на африканските, полинезиските и амазонските племиња и народи. Но за тоа другпат.
Цивилизација. Зборот што го изговори еднаш Трамп и кој како светкавица ја осветли неговата државничка филозофија на империјален вожд, кој метафизичката величина на тој поим е подготвен да ја сведе на прагматичен реализам. А сензибилната и прониклива душа во тоа може да препознае и евентуално навестувачки знаци на катастрофичност при навестеното обликување на новата цивилизациска слика на империјата, која во мигови на својата хегоманија повтува кон проектирање и на сликата на светот воопшто. Но тоа се само невини хипотези, драг читателу. Во секој случај, бројот 47, под чиј знак доаѓа Трамп по вторпат на кормилото на Америка, како што стојат работите, е многу посреќен од претходниот 46 на Бајден и е пооптимистички и силно ветувачки за империјата, но дали и за светот, допрва ќе се види. Трамп во говорот дејствува моќно, со става и со цврста, железна реторичка интонација. Самоуверен, со силно его, тој оставаше впечаток како да е некој од плејадата моќни римски императори, император на империјата чија ментална слика е речиси прекопирана во менталната слика на Западот, а кај Американците е најизразена. Тој потсетуваше на мобилна мермерна римска статуа. Можеби на Август или Диоклецијан. Никако на Нерон или Калигула, како што би помислиле некои негови лути противници. Во овој случај сега тоа би биле гневните на него Французи, чија галска суета со непоканувањето на Макрон на инаугурацијата е симната како во ден на жалост на половина копје.

Туку не само на Французите. Таа чест им е ускратена и на Англичаните, што е навистина шокантно, оти никој и не можеше да помисли дека некогаш ќе биде доведена во прашање железната врска меѓу Лондон и Вашингтон, на која толку многу полагаше надеж Черчил, ама пак во полза на Англија, сметајќи ја неа за интелектуално надредена над „мускулестата“ Америка. Кој не верува во тоа нека ги прочита неговите „Мемоари“. Да. А тука е на половина копје и европското знаме на Брисел, со бледиот грипозен сјај на неговите ѕвездички, за разлика од ѕвездите на американското знаме што блескаат со заслепувачка светлина. Столчена е суетата и на Фон дер Лајен, која исто така не беше поканета на Трамповата претседателска инаугурација. Финито. Наместо неа, тука беше Италијанката Џорџа Мелони, од што се гледа, покрај другото, и дека Трамп е искусен естет и добар познавач на женската убавина.
Сеедно. Станува збор тука, драг читателу, не само за еден „недипломатски“ сарказам на хегемонот туку пред сè за дијагнозата на болеста на бриселска Европа, за нејзиниот веќе гангренозен и канцерозен организам, со видливи знаци на распаѓање. Тоа што ние глупавите безалтернативци не го гледаме дури ни по Преспа 2018 ни по идентитетскиот евроцивилизациски геноцид врз нас. Во секој случај, Трамп сурово но јасно кажа дека Европа веќе е бледа цивилизациска творба и е маргинален играч на планетарната сцена или, фигуративно, во океанот со екстремно крупни крокодили. А во контекст на Трамповата европска дијагноза е во заднина и сугестијата (Трамп тука ја користи поетската стратегија на Маларме) за незрелоста или, поарно, глупавоста на Европа во нејзината борба со Украина против Русија, за што, ако ги читаме неговите шифри, таа допрва ќе ја плаќа цената. Можеби наскоро, по средбата на Трамп со Путин. Може само да се претпоставува каков поразителен ефект ќе има таа на бриселските политбирократи, кои не ги бива ни за обична стандардна политика, а камоли за нешто друго. Сите се како онаа Марта Кос, која ни се топори и заканува и на нас Македонците, како да не е Словенка, жителка на една скромна државичка, а во однос на цивилизациска генеза и резултати и неспоредливо поскромна од Македонија. Ама таа има стеснета бриселска свест и не го гледа тоа, бидејќи за тоа е потребно и малку повеќе природна интелигенција.
Дигресија до дигресија, аналогија до аналогија, драг читателу, но како што рече и Бифон: човекот е стил. А тоа значи идентитет, она што е кусок во политиката. Но она што е важно во контекст со Трамповата дијагноза за Европа тоа е присуството на неговата инаугурација на нашиот премиер Мицковски. И тоа е екстремно добар знак што не смееме да го испуштиме од вид. Тоа покажува дека Трамп извонредно ја познава гнилата европолитичка ситуација. Знаел и што ѝ се случува во неа на Македонија, па нималку не е случајна неговата македонска покана во Вашингтон. Оттука, сега ни е даден јасен знак, ние не треба да бидеме разроки, па со едното око да гледаме во Брисел, а со другото во Америка. И со двете очи, со јасен недодворувачки достоинствен поглед, ќе гледаме и кон едниот и кон другиот за да го искажеме нашиот отворен и веќе неполтронски став и кон едниот и кон другиот. Трамп рече дека ќе ги укине одлуките на Џо Бајден, веруваме и оние две што тој заканувачки папагалски ги повторуваше за Охридскиот и Преспанскиот договор. Тука македонската политика треба да профитира.

Трамп во говорот кажа дека Америка се исправува и дека повторно ќе биде моќна, дека со него сега почнува нејзината златна доба. Да. А, во контекст на тоа, во која доба сме ние, драг читателу. За жал, во споредба со американскиот систем, ние сме во палеолитот, во кој функционира трибалистичкиот менталитет на ордата. Кај нас тоа тврдо функционира и на партиски и на етнички план. Америка е фасцинантна со фактот на нејзината хемија и алхемија да сплоти 52 држави под едно знаме како горди Американци. А ние со години не можеме да се нагодиме со едно малцинство, кое има сè, и она што го нема мнозинскиот ентитет, за да направиме еден хармоничен и функционален систем што не му е подреден на тесниот трибалистички ум без хоризонт. И не успеавме.
На инаугурацијата на Трамп одржаа краток говор и двајца свештеници, еден католик, а другиот протестант, кои го повикаа Бог да ја чува Америка. Звучеше аподиктично, безрезервно, иако Христос даде на знаење дека барем кај него, настрана од стразоветниот Јахве, повеќе привилегирани се малите и слабите отколку големите и моќните. А и не знам дали, ако има добра меморија, Бог заборавил на Хирошима и Нагасаки, со кои почна американскиот хегемонизам по Втората светска војна. Сеедно. Тука сега асоцијативно ми искрснува една анегдота на Лорка со неговиот аргентински пријател Борхес, кога нему при престојот во Њујорк и не му се допаднала Америка, за што сведочи и неговата поетска книга „Песни од Њујорк“. Наспроти него, пак, аргентинскиот поет ја обожавал неа, што било причина за електрицитет кога Лорка му рекол дека Америка, покрај другото, не му се допаѓа и затоа што нема изворни митови и дека нејзиниот главен мит е Мики Маус. Суетниот Борхес, страшно навреден, не му го заборавил тоа на Лорка ни по неговата смрт во Шпанската граѓанска војна, кога јавно ќе изјави дека не е лошо што бил убиен тој, бидејќи и така бил лош поет. Пикантно. Но гледам, сега ме прашуваш, драг читателу, што бара оваа анегдота тука. Зошто? Можеби затоа што Лорка најверојатно алудирал кога го спомнал Мики Маус на домородната американска митологија на Индијанците, која била безмилосно ништена од европските колонизатори по Колумбо. Мислам мотивирано ѝ е местото на анегдотата.
Сеедно. Трамп кажа дека Америка допрва ќе станува моќна и ќе се шири, ќе го враќа својот сјај. А спомна и некои правци на ширење: Канада, Панама, Гренланд. Беше внимателен во говорот. Не ја чепкаше Русија, а ни Кина, која е посебна американска ноќна мора. Само не издржа срце јуначко и сепак ја чепна со Панамскиот Канал, за кој рече дека треба да ѝ припадне на Америка, покрај другото и затоа што сега од него се офајдувала неизбежната Кина веќе со својот страшен „Појас и пат“ присутна таму. Тука ќе има искрење, но белки нема да се случи голем пожар. Да. Секому му е јасно дека Трамп сака да ужива во американската планетарна моќ: економска, воена, политичка и со сето тоа во склад се и агресивните акценти во тој контекст на неговиот инаугуративен претседателски говор. Но сепак, драг читателу, денешната либерална Америка на златното теле на капиталот и неговите тајкуни не е ни оддалеку онаа од визиите на Џеферсон и Линколн, кои по Граѓанската војна не ја замислуваа неа како „светски џандар“ и хегемон, туку како водечка, авангардна демократска, хуманистичка и политичка сила. Сила на мирот, а не на војната. Арно ама Рузвелт и пред да стане американски претседател рече: „Ниту еден триумф на мирот не е толку величествен колку што се врвните триумфи на војната“.
Тоа е тоа. А во тој контекст е и изјавата (лапсус или не?) на Трамп во говорот дека Америка ги победила и фашизмот и комунизмот. Да. Фашизмот привремено, но заедно со Русија и сојузниците. А советскиот комунизам со Сталин се победи самиот себе. Но комунизмот преживеа и е витален во Кина.

А дека Америка се борела против страшниот комунизам, од кој е полош само капитализмот, тоа не е спорно, но на кој начин и со какви средства? За тоа ќе го цитираме Ален Далас, шеф на ЦИА од 1953 до 1961 година: „Ние ќе го фрлиме целото злато на САД за да ги измамиме и да ги направиме глупави луѓето од социјалистичкиот свет. Без да се забележи ќе ги заменуваме со лажни човечките вредности… Простотилакот, наглоста, лагата и измамата, пијанството и наркоманијата, животинскиот страв среде луѓето, бесрамноста, поткажувањето и уште многу пороци што ги има кај човекот треба да се раздвижат… Сето тоа ќе го направиме под девизата: Заштита на правата на човекот и на неговите граѓански слободи“. Така. Сè во „цивилизиран“ каубојски стил.
Без разлика на сè, инаугуративниот говор на Трамп реторички и стилски беше перфектен, со јасна картезијанска синтакса и збито фиксирани идеи, in medias res, како онаа најјасната и најефектната од антрополошка гледна точка, која го враќа на сцена фактички и изворниот антрополошки концепт на Бог, идејата-реалност дека Америка оттука натаму е земја во која има два биолошки пола: Маж и Жена. А трансродовата либерална чорба, парадите на гордоста (со кои се „отепува“ и биолошки здравиот Балкан) и другите пагански обредни инсигнии Трамп ѝ ги остава на борделска Европа. Тука веќе ставаме точка на нашиот текст, драг читателу. Му го честитаме претседателствувањето на Трамп со Америка. Нека му е со среќа и нека видат и Македонија и Македонците аир од него. Многу повеќе отколку со македономразецот Бајден. И уште нешто за финале. Трамп ќе остане запишан во историјата со златни букви, и во американската и во светската, ако успее сега во три работи: да помогне да ѝ се стави крај на војната во Украина, за што има добра волја, и да се ангажира за спас на два народа од геноцид – палестинскиот од физички и македонскиот од идентитетски геноцид.