Концерт на „Фејмс“ под диригентската палка на Тимоти Редмонд

На 19 февруари, во 20 часот, во камерната сала на Македонската филхармонија, во организација на институтот „Фејмс“, ќе се одржи уникатен музички спектакл насловен „Дијалози со Џанго Рајнхарт“, кој ќе ја спои магијата на џипси-музиката со модерниот оркестарски израз. Под диригентската палка на реномираниот диригент Тимоти Редмонд, концертот ќе понуди богата програма што опфаќа различни музички жанрови, а е инспирирана од џипси-музиката. На програмата на концертот ќе бидат изведени дела од Лист, Бизе, Брамс, Барток, Штраус, како и современи дела инспирирани од џипси-музиката.
Специјален акцент ќе биде ставен на композициите што ќе ги изведе виолинистот Федерико Натан, кој ќе настапи како солист, заедно со гитаристот Жереми Шакр и со музичарите Јакопо Мезаноти, Иван Бејков и Филип Динев. Програмата вклучува класични ремек-дела, како „Втората унгарска рапсодија“ на Лист, избор од свитата „Кармен“ на Бизе и „Романските танци“ на Барток, но и модерни аранжмани на делата на Џанго Рајнхарт. Публиката ќе има можност и премиерно да ги слушне композициите на Ф. Натан, како „Stephane“ и „Escaping Silence“, кои претставуваат спој на виртуозност и емотивна длабочина.

Џипси-музиката е уникатна поради нејзината динамичност

Џипси-музиката е уникатна поради нејзината динамичност, импровизација и емоционална интензивност, што ја прави живописна и исполнета со страст. Во спој со класичен оркестар, оваа музика добива нова димензија, каде што доминираат слободната и експресивна природа, сепак ставена во рамка на оркестарски звук. Овој контраст создава возбудлива синергија што им овозможува на музичарите да се изразат на иновативен начин, истовремено почитувајќи ги традиционалните елементи на класичната музика.
Тимоти Редмонд, познат по својата енергична интерпретација и модерниот пристап кон класичната музика, е чест гостин на најпрестижните светски сцени. Солистите Федерико Натан, Жереми Шакр, Јакопо Мезаноти, Иван Бејков и Филип Динев, со својата иновативност и уникатни интерпретации, ветуваат незаборавно искуство за љубителите на музиката на овој единствен и ексклузивен настан, кој за првпат ќе се одржи во нашата земја.
Овој настан претставува завршница на истоимената едукативна работилница за млади талентирани музичари од Европа, кои под водство на врвни ментори во рамките на институтот „Фејмс“ ќе работат на истражување и интерпретација на џипси-музиката ставена во различен контекст и време. Работилницата,
која ги обединува традицијата и современите музички изрази, има цел да инспирира и едуцира идни генерации музичари.
– Преку овој проект сакаме да ја зачуваме музичката традиција и истовремено да ја доближиме до современата публика. Музиката има моќ да ги премостува времето и културните бариери – велат од институтот.
Дел од оркестарот се и младите студенти од Европа, кои учествуваат во оваа едукативна програма, што го прави настанот уште поуникатен и значаен, бидејќи ги обединува идните генерации музичари со врвни уметници. Спојот на овие два света не само што ги збогатува музичките искуства туку и привлекува различни слушатели, создавајќи уникатно и незаборавно концертно доживување.

„Фејмс“ – еден од водечките центри за оркестарски снимања

Институтот „Фејмс“ е еден од водечките центри за оркестарски снимања и музичка едукација во Европа. Лоциран во Скопје, Македонија, институтот е посветен на создавање уникатни музички искуства преку едукативни програми, работилници и концерти што инспирираат млади музичари од целиот свет. Нивните програми нудат можност за професионално усовршување во соработка со водечки уметници и диригенти, промовирајќи ја моќта на музиката како универзален јазик.
Тимоти Редмонд е реномиран британски диригент со богата кариера на светските сцени. Познат по својот енергичен и инспиративен пристап кон музиката, Редмонд има диригирано со водечки оркестри низ Европа, САД и Азија. Неговата работа се одликува со прецизност, страст и иновативност, особено во современите изведби на класични дела. Тој е редовен гостин на најпрестижните музички фестивали и е познат по својот ангажман во поддршката на млади музичари.
Федерико Натан е виртуозен виолинист и композитор со светска слава. Роден во Уругвај, Натан ги комбинира традиционалните музички техники со современи стилови, создавајќи уникатни дела што ја надминуваат границата помеѓу класичната и џез-музиката. Како солист, тој настапува на меѓународни сцени, воодушевувајќи ја публиката со својата техничка виртуозност и емоционална длабочина.