Одбраната на ЕУ е од големо значење за Европа и за европската безбедност, но исто така и за НАТО, бидејќи таа е нераскинливо поврзана со трансатлантската безбедност, порача денеска заменичката генерална секретарка на НАТО, Радмила Шекеринска во обраќањето на Годишната конференција на Европската безбедносна агенција во Брисел.
– Како некој што доаѓа од Северна Македонија, и не е „инсајдер“ во ЕУ, може да се запрашате дали сум најкомпетентна да зборувам за соработката НАТО-ЕУ. Но, особено имајќи го предвид моето национално потекло, верувам дека мојата земја точно покажува колку е важна, вредна и корисна соработката на НАТО и ЕУ – рече Шекеринска.
Според неа, блиското партнерство меѓу НАТО и ЕУ е од непроценлива важност не само кога станува збор за поддршка на Украина, туку и за обнова на трансатлантската одбранбена индустриска база и за зајакнување на отпорноста.
– Нешто кон што ќе се стремам во мојата работа како заменичка генерална секретарка на НАТО е да ги натерам двете организации да соработуваат уште поблиску. Затоа сум денеска овде со вас. Да ја испратам оваа порака и да кажам дека ова партнерство НАТО-ЕУ е од големо значење за генералниот секретар (на НАТО) Марк Руте. Тој е во редовен контакт со неговите колеги низ институциите на ЕУ – додаде Шекеринска.
Таа потенцира дека зајакнувањето на соработка меѓу НАТО и ЕУ е од суштинско значење и треба да биде заедничка цел во услови кога и двете организации се соочуваат со „жестоки конкуренти кои ја предизвикуваат и нашата безбедност, но и нашиот начин на живот“.
– Тука е Русија, која очигледно е во воен режим. Токму оваа година, Русија планира да потроши една третина од својот национален буџет за одбраната и ова е навистина рекордно високо ниво. Нејзината воена индустрија деноноќно произведува оружје. Тука е и Кина, која значително ги зголемува своите сили. Таа инвестира многу во муниција и во немировни технологии и нетранспарентно го проширува својот нуклеарен арсенал, без ограничувања и јасни намери. Во меѓу време, се уште постојат и многу други опасности: од тероризмот до ширењето на нуклеарното оружје, но и климатските промени – потенцира Шекеринска.
Според неа, сведоци сме на се поголема дестабилизирачка кампања против земјите во Европа, која вклучува кибер напади, акти на саботажа и ширење дезинформации.
– Значи со сето ова и во сето ова комплицирано безбедносно опкружување околу нас, НАТО и Европската Унија ги имаат сите причини да соработуваат уште поблиску. Трансатлантската соработка не прави сите посилни – заклучи таа.
Шекеринска потенцира дека е потребно да се инвестира повеќе и подобро во одбраната и да се забрза производството на основните одбранбени капацитети.
– Сојузниците на НАТО ги зголемија трошоците за одбрана во последниве години. Значи, две третини од сите членки на НАТО сега трошат најмалку два проценти од БДП за одбрана. И ова е дефинитивно добра вест. Но, лошата вест е дека два повеќе не се ни приближно доволни. Сојузниците ќе треба да потрошат многу повеќе од два проценти за да ги обноват нашите резерви, да го добијат потребното оружје со голем дострел и системи за противвоздушна одбрана и да ги интегрираат напредните технологии во нашите вооружени сили. Ни треба сето тоа, и повеќе, за да останеме безбедни во годините што следат – додаде Шекеринска.
Според неа, ако Западот не троши „повеќе и подобро“, ризикува да заостане зад Русија, а во тие напори своја улога игра и ЕУ со зголемување на сопствената одбранбена подготвеност и зајакнување на европската одбранбена индустриска база.
– Од суштинско значење е да работиме во тандем. Мора да избегнеме дуплирање на постоечките структури и создавање нови бариери меѓу сојузниците. Тоа само ќе ги зголеми трошоците, ќе го комплицира производството и ќе ги попречи иновациите. Тоа не е во наш интерес, особено кога Русија, Кина, Северна Кореја и Иран ја зголемуваат својата одбранбена индустриска соработка на навистина невидени нивоа – порача Шекеринска.