Фото: Пиксабеј

Планот за 2025 година е да се почне градба на нови 25 градинки низ целата држава, но реализацијата зависи и од општините. Ова беше одговор на министерот Фатмир Лимани на новинарско прашање дали ќе има нови установи за згрижување деца.

– Ние планираме како министерство 2025 година околу 25 нови градинки да градиме во цела наша земја во Македонија. Ова не зависи само од Министерството за социјална политика, демографија и млади, зависи и од општините, тие што се реализатори на овие проекти. Битно е што ние сме предвиделе 25 нови градинки во цела земја – изјави Фатмир Лимани од Тетово каде почна со работа новата градинка „Рилиндја“.

На прашањето зошто новоизградената градинка во Теарце не почнува со работа, министерот рече дека издадена е дозвола за функционирање.

– Од нив зависи, јас давам дозвола, тие имаат дозвола, мислам дека ја добија пред недела-две. Денот кога ќе дадеме дозвола, од тој ден, градинките можат да бидат отворени врз основа на нивните подготовки – истакна Фатмир Лимани.

На новинарско прашање што се прави за да задржат младите во државата, Лимани истакна дека целото општество треба да работи да се врати довербата за останување во земјата.