Со само девет години Русинот Роман Шогџиев стана најмладиот шахист во историјата што освоил норма за интернационален мајстор (ИМ). Тој е и еден од само тројцата шахисти што ја поминале бариерата од 2.300 рејтинг-поени пред да наполнат десет години. Исклучителниот подвиг се случи за време на турнирот „Раднички шах“ во Белград. На турнирот со двајца велемајстори (ВМ) и двајца ИМ, Шогџиев освои седум поени од девет партии, губејќи само од победникот, ВМ Суат Аталик, пишува шаховската интернет-страница „Чес“.
Тоа е импресивен резултат на рускиот талент, кој ја постигна својата прва ИМ норма на девет години, 10 месеци и седум дена, речиси еден месец побрзо од аргентинскиот ИМ Фаустино Оро, кој ја постигна својата прва норма во 2023 година. За споредба, индискиот ВМ Абхиманју Мишра, најмладиот ВМ во светот, ја постигна својата прва ИМ-норма на 10 години и девет месеци. Само три недели пред својата норма, Шогџиев со 10 поени од 11 партии стана светски првак во категоријата до десет години. Тој победи на СП за млади до осум години во 2023 година (11/11) и на ЕП за млади до осум години (9/9) во 2022 година. Тој е само еден од тројцата што некогаш оствариле рејтинг од 2.300 пред да наполнат десет години. Англискиот ФМ Итан Панг, кој има рекорд како најмлад што ја достигнал оваа цел, е вториот покрај Оро.
Талентот на Шогџиев особено доаѓа до израз во брзиот шах, за што сведочи неговиот рејтинг во брз шах (2.418). Тој редовно игра велемајсторски, како на пример на неодамнешниот турнир во брз шах, каде што ги победи силните ВМ Андреј Есипенко, Владимир Поткин, Ернесто Инаркиев и Алексеј Дреев. Тој имаше само осум години кога се најде на насловните страници победувајќи пет ВМ за време на СП во забрзан и брз шах во 2023 година. Подемот на Шогџиев е симбол на новата генерација млади играчи што се занимаваа со шах за време на пандемијата. Покрај Панг и Шогџиев, во 2015 година е родена ЖФМ од Англија Бодана Сиванандан, која стана најмладата што некогаш постигнала норма за ЖИМ. Г.И.