Арис Пападопулос и Марта Пасакопулу, грчки танчари и уметници
Арис Пападопулос и Марта Пасакопулу, грчки танчари и уметници, годинава имаа свој настап со перформансот „Сè што е важно“ на затворањето на 49. издание на меѓународниот театарски фестивал „Млад отворен театар“. Две години по нивната последна претстава „Луси: Туторијал за еден ритуал“, соработката меѓу Марта и Арис беше ставена под микроскоп во обид да се истражи и изведе сценско пријателство. Двајцата уметници, кои се и пријатели, соработници и уметнички партнери, во перформансот навлегуваат во заедничката архива на движења, танцови практики и белешки. Овие материјали, црпени од минатото, се обликуваат и оживуваат на сцената во сегашноста. Како што велат тие, „ничија сопственост, потенцијално на двајцата“. Публиката, како сведок, игра улога на огледало што ги рефлектира пријателството на овие двајца уметници и неговата интерактивна динамика.
Можете ли накратко да ни ги претставите Вашата компанија и Вашата заедничка работа?
– Компанијата „Арис и Марта“ е танцова компанија од Атина, Грција. Работиме заедно од 2016 година, создавајќи перформанси за сцена, како и локациски специфични проекти и истражувања во областа на танцот и изведувачките уметности. Нашиот перформанс „Сè што е важно“, или „Белешки за изведување пријателство“, го создадовме во 2022 година, веднаш по периодот на ковид. Ова е многу лично дело за нас, бидејќи истражува што значат нашето пријателство и нашата соработка како креатори и танчари. Беше време да размислиме за нашата врска како пријатели и уметнички партнери, отворајќи материјали од претходни дела и повторно истражувајќи ги. Делото е комбинација на лична архива и нов материјал, создаден како рефлексија на нашето минато и сегашно искуство. Прашањето што си го поставивме беше многу едноставно, но суштинско: што е навистина важно?
Какви беа Вашите впечатоци за фестивалот МОТ и од градот Скопје?
– Ние првпат сме во Скопје и на фестивалот. За жал, немавме многу можност да гледаме други изведби, но програмата изгледаше одлично и донесе дела со меѓународен квалитет. Организацијата беше навистина беспрекорна, а тимот на фестивалот се погрижи сè да се одвива непречено. Што се однесува до градот, иако немавме многу време за разгледување, успеавме да почувствуваме топлина од луѓето и енергија што инспирира.
Каков театар е популарен во Грција, особено во Вашиот град Атина? Каков вид изведби се преферираат?
– Во Атина има силна театарска сцена, која доминира како жанр. Современиот танц, кој е нашето поле на дејствување, исто така има своја публика, но не е толку популарен како театарот. Сепак, последните години грчки кореографи сè повеќе успеваат да претставуваат свои дела надвор од земјата. Вратите полека се отвораат за грчкиот современ танц на меѓународната сцена.
Кои се Вашите идни планови за турнеи и изведби?
– Моментално се фокусираме на турнејата на „Сè што е важно“. Досега настапивме во Варна, Бугарија, и во Скопје. Нашата цел е да направиме турнеја низ Балканот, вклучувајќи земји како Србија, Хрватска и Турција. Исто така, избрани сме како дел од платформата „Мув ин Балканс“, која ќе се одржи во мај, во Љубљана и Загреб. Таму ќе го презентираме нашето дело пред меѓународна публика. Покрај турнејата, планираме повторно да го изведеме овој перформанс во Атина, а истовремено работиме и на индивидуални проекти со други соработници.
Што е следно за Вашата компанија?
– Не сме во продукција на ново дело оваа година, бидејќи главен фокус ни е да го презентираме „Сè што е важно“ на што повеќе сцени. Ова ни овозможува да ја истражиме публиката на различни места и да го развиеме нашиот уметнички израз. Следниот период ќе биде посветен на тоа, заедно со учество во проекти со други креатори.
Елена Ангеловска