• Перењето мозок, иако не се именувало така, било вршено врз поединци, институции, групи, народи, а на такви процеси не останале имуни и цели држави. Таков е случајот и со државата Република Македонија, која по една силна операција на мозокоперење го смени името и стана Северна. Таа, час јавна, час тајна, политичка операција, Европската Унија кон Македонија ја води повеќе години, а годинава го достигна својот врв. Да се надеваме дека тоа не е погрешен заклучок, иако кога е во прашање ЕУ ниедна дрскост не може да биде исклучена
  • Кон странските „перачи“ годинава се намножија и домашните. Кај што Зоран Заев застана, тие продолжија. Со ноќи не спиеја за да имаат сила да докажуваат дека секое надворешно зло е добро за Македонија. Око не им трепнуваше, само „стомакот како со нож им се пресекуваше“ кога наместо да обелоденуваат што се случува, се служеа со лаги дека ништо не се случува. Ковачевски, Бујар Османи и другата проевродружина како да беа платени од странците, а не од џебот на македонските граѓани. И не беа само тие, цела булумента во Собранието, сложна дружина напикана по ад хок комисии за уставни измени, медиуми, невладини организации, слободни добро платени стрелци, извежбани журналистички снајперисти, беа ангажирани во големиот проект за перење мозок на граѓаните, особено на Македонците. Сепак, кому за жал, кому за среќа, нивните обиди за перење на мозоците на Македонците завршија со фијаско

Медицински истражувачи дошле до сознанија дека на човечкиот мозок за едно чистење од отпадот што го создава му се потребни осум часа, секојдневно. Најдобро време за тоа се часовите кога се спие, тогаш мозокот се потсмирува, раздалеченоста меѓу нервните станици се зголемува и така се отстранува отпадниот материјал. Така се миел, се чистел мозокот на човекот. Можеби токму од тие причини најверојатно потекнува поговорката дека утрото е попаметно од ноќта.
За разлика од миењето, перењето мозок (ментицид) не е медицинска или здравствена операција. Перењето мозок е концепт со намера човековиот ум да биде изменет или контролиран, да му се смени вредносниот поглед, начинот на размислување, со употреба на низа психолошки и политички техники. Преку перењето на мозокот на човека му се намалува способноста да мисли критички и независно, да му се уфрлат во неговиот систем на мислење разни идеи со чија помош би ги сменил дотогашните ставови и уверувања. Перењето мозок е груба и очигледна манипулација, сеење магла низ која треба да се помине за да се излезе променет.
Перењето мозок, иако не се именувало така, било вршено врз поединци, институции, групи, народи, а на такви процеси не останале имуни и цели држави. Таков е случајот и со државата Република Македонија, која по една силна операција на мозокоперење го смени името и стана Северна. Таа, час јавна, час тајна, политичка операција, Европската Унија кон Македонија ја води повеќе години, а годинава го достигна својот врв. Да се надеваме дека тоа не е погрешен заклучок, иако кога е во прашање ЕУ ниедна дрскост не може да биде исклучена.

Илустрација: „Нова Македонија“

Колку претседатели на странски држави, премиери, министри и амбасадори поминаа низ нашата земја, долг е тој список, кои нас Македонците нѐ убедуваа дека не сме тоа што сме, дека сме народ без минато, без историја, со недефенирани јазик и писмо. Колку бесрамно и отворено, без никаква почит, ни кажуваа дека треба да голтаме жаби и горчливи плодови, да затнеме нос и да ги трпиме европските фекалии што тие ги испуштаа по своите дипломатски и недипломатски канали. До ден-денес нѐ третираат како глупава нација, како да не сме прочитале книга или не разликуваме пченка од пченица, јаболко од портокал.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

Наместо позитивна дипломатија, Европската Унија, како целина, водеше (и води) агресивен притисок, особено по прашањето за промена на Уставот, односно за усвојување амандмани за впишување делови од други народи во него. Поучени од искуството што го имаа со насилното менување на името на државата, овој пат, за среќа, не отидоа толку далеку во употребата на отворено насилство, иако се обидоа до одредена граница.
Кон странските „перачи“ годинава се намножија и домашните. Кај што Зоран Заев застана, тие продолжија. Со ноќи не спиеја за да имаат сила да докажуваат дека секое надворешно зло е добро за Македонија. Око не им трепнуваше, само „стомакот како со нож им се пресекуваше“ кога наместо да обелоденуваат што се случува, се служеа со лаги дека ништо не се случува. Ковачевски, Бујар Османи и другата проевродружина како да беа платени од странците, а не од џебот на македонските граѓани.
И не беа само тие, цела булумента во Собранието, сложна дружина напикана по ад хок комисии за уставни измени, медиуми, невладини организации, слободни добро платени стрелци, извежбани журналистички снајперисти, беа ангажирани во големиот проект за перење мозок на граѓаните, особено на Македонците. Сепак, кому за жал, кому за среќа, нивните обиди за перење на мозоците на Македонците завршија со фијаско.
Старо е правилото по кое кога се врши спојување меѓу моќта и насилството, политичкото насилство станува дозволиво и корисно, па на тој начин се менуваат закони, устави, а се во име на демократијата, на заштитата на човековите права и слободите на изразувањето и на други општествени стандарди. Се употребуваат перфидни техники на манипулации, преку вршење физички, социјален, психолошки, финансиски или некој друг вид притисок.
Една од техниките е „продажбата на паника“ и застрашување на народот дека опстанокот на државата или нацијата е во опасност. На тоа се надоврзува „историскиот ревизионизам“, преку што се извртуваат утврдени историски факти и се проектира нова, научно климава историја. Дел од таа игра се заканите од натамошна сиромаштија, шушкањата за намалување плати, губење пензии и други социјални права.
Во тој голем проект за наводна преродба на општеството се вршеше отворена или прикриена дискредитација на националните и државни институции, на судството, полицијата, армијата, се измислуваа афери. Лагите се повторуваа, народот се убедуваше дека црното е бело и дека црната чавка не е чавка туку бел гулаб. Сето тоа и денес создава конфузија кај граѓанството, кое веќе не разликува што е добро а што лошо, конфузија што го разбива единството на народот и не му носи ништо добро. Напротив.
Иако перењето на мозоците во разни форми постои откако постојат човекот и неговата заедница, сепак, терминот „перење на мозокот“ го сковал, употребил и афирмирал некој новинар во текст во весник од 1951 година. Како основа му послужила слична кинеска фраза за да ги опише методите на мачење што ги трпеле заробените американски војници во Корејската војна. Бил фасциниран што по употребата на некои методи врз нив војниците драстично го менувале првобитното мислење за војната и ја прифаќале и поддржувале идеолошката матрица на непријателот.
Најпрвин се мислело дека за перење мозок е неопходна сурова присила или строга обука, но со текот на времето се увидело дека таа не е секогаш нужна, дека постојат и многу поинакви, посуптилни методи, денес користени особено преку медиумите – телевизијата, радиото, филмовите, весниците, списанијата, квазиисториските книги, преку песни, спотови, видеоигри, преку големите можности што ги нуди интернетот, а утре и вештачката интелигенција. Таму сега се бара клучот за успехот на контролата на умот на цели народи.