Многу гладни кајмани ловат во плитките пазарни води

Лани австралискиот премиер Албанезе реагираше на „дуополот“ на австралискиот пазар, состојба каде што два главни синџира Колс и Вулвортс ги диктираат цените и неетички профитираат, а владата во Канбера е во процес (веќе две години) на анализа на состојбата и се очекуваат некакви решенија

Насловот треба да ја долови вистинската слика што се однесува на нашиот македонски пазар, кој треба да е отворен и на него да владее фер конкуренција. Арно ама… ех, такво нешто нема ни во многу земји во светот. Пазарите се честопати плитки води, а кајманите, гладни рептили, се вешти ловци на профити, тие се нурнуваат на дното на водата, а им се гледаат само малку очите и додека си трепнал ќе нападнат. Ќе го изедат господинот купувач, консументот. Ги има и кај нас.
Но, еве еден пример од Австралија, една од најдемократските земји, со отворен пазар, со конкуренција… Хартијата трпи сѐ, па и во една богата Австралија. По дефиниција, постојат четири вида пазар – каде што има фер конкуренција, монополска конкуренција, олигополистички систем и монопол. Австралија е нешто помеѓу олигопол и дуопол, иако премиерот Антони Албанезе лани крена глас против дуополистичкиот систем и нивната политика на кревање на цените. Главни маркети, кои држат речиси 70 проценти од пазарот, се Колс и Вулвортс, другите се ситна боранија или служат како фолклор. Пред четири-пет години големиот германски синџир „Кауфленд“ се обидел да влезе на „петтиот континент“, па дури и инвестирал неколку стотина милиони долари и кога требало да се појави на локации во Аделаид, Мелбурн и во Квинзланд, поради постојан притисок од најмоќните два играча и пасивната влада, ненадејно кренал сидро и се откажал од влегувањето на австралискиот пазар. Низ слични води пловел и „Алди“ во Велика Британија, каде што случајот со германскиот синџир маркети стигнал и до парламентот, но таму „Алди“ успеа да влезе и веќе е играч што ја одредува цената на производите и наметнува каква-таква фер конкуренција. „Алди“ со добра стратегија, мора да признаеме навистина се храбри, влегоа и во Австралија, иако честопати можат да се видат негативни кампањи за нивните производи. Но цените го прават своето и „Алди“ добро напредува.
Австралија нема законски механизам за владата да интервенира на пазарот и можеби тоа е една од причините зошто таму дуополот е главниот играч на пазарот. Лани премиерот Албанезе изјави дека нешто очигледно „оди наопаку“ со цените во супермаркетите, но тој јавно кажа дека нема да удри со чеканот врз дуополот, затоа што Австралија не била СССР?! Чудно зошто на пример не ја спомена Америка или Велика Британија, каде што владите имаат законска можност да реагираат на пазарот со свои мерки. И веќе две години во Канбера се прават владини анализи за тоа што се случува, а што ќе треба да се случува, односно регулира на австралискиот пазар. Факт е дека за две години цените во маркетите скокнале за 14 проценти, па дури и за време на пандемијата, што беше оценето како крајно неморално од страна на големите синџири.
Рековме – тоа се кајмани, секогаш гладни за профит и секогаш во право, зашто ако не се тие, ќе сме останеле без свежа храна, свежо млекце, потребни намирници, проверено месо… Перфидно играат.

Ако австралискиот премиер крена глас против олигополот за пораст на цените од 14 проценти во период од две години (сепак тоа за австралискиот стандард се големи трошоци), тогаш каква реакција да се очекува од македонскиот премиер Христијан Мицкоски во услови кога се тврди дека „наеднаш цените на одредени продукти се зголемиле за 25 проценти“. Пораката е – кој ја ферма Владата? Опааа, игра на ѓон! Тоа наеднаш веројатно се мисли на периодот откако Владата ја формира новогодишната кошница и ги нивелира цените на ниво да се одржи стандардот на населението, а да не отидат во „була“ големите маркети.
Кај нас е позната поговорката дека „сложни попови и во петок мрсат“, а тоа е грев за секој вистински верник, а за свештено лице е двојно поголем грев. Така и големите маркети знаат како да ја играат играта, тоа се, сепак, локални, но вешти кајмани што ловат тешки профити. Секако, нека работат со профит, но проблемот добива димензија на опасен вирус, кој го напаѓа брзо стандардот кога тие ќе ја преминат линијата на моралот, кога во нивните пазарни стратегии го гледаат само нивниот интерес, а забораваат на општото добро.
Премиерот Мицкоски најави дека ќе има соодветни процедури и дека се прават анализи. „Тоа што тие мислеа дека ќе нè надмудрат на овој начин и си играат со трпението на Владата и граѓаните не е добро. И мислам дека треба да си го преиспитаат однесувањето. Затоа што ова не е коректно однесување, особено пред празници. На ваков начин не треба да се прават големи профити. Граѓаните очекуваат од нив разбирање и, во најмала мерка, да биде онака како што било, а не наеднаш да се зголемуваат цените на одредени продукти. На одредени продукти цените се зголемени за 25 проценти. Тоа е неетично однесување и би рекол нечовечно однесување“.

И малиот македонски пазар има свои гладни за профит кајмани. Добро е што сакаат да
заработат профит, но ако тоа се прави на неетички начин, тогаш имаме проблем.
Премиерот Мицкоски се нафати да го реши, тоа е добро, а ние очекуваме тоа да биде
вин-вин ситуација, што е можно

Од друга страна, синдикатот веќе пресметал дека основната месечна семејна синдикална кошница изнесува 62.861 денар, а ако се додадат парите за лекови во сезона на вируси, па за прослава на новогодишните и божиќните празници, па шминки, гардероби, зимување за нашите деца отруени од загадениот македонски воздух, каде ќе ни биде крајот. Народски кажано – опелешени сме!
Ваквата игра на маркетите секако нема да оди во прилог на мотивирање ниту на потрошувачката ниту, пак, на производителите, оти тие исто така се губитници во нивната кајманска стратегија. Веројатно, тешко ќе ѝ биде на Владата сериозно да ги заузди на подолг рок, но затоа пак може да го отвори пазарот за конкуренција, а конкуренцијата секогаш давала позитивни резултати. Секаде.
Она што сега мора да се спречи е создавање таканаречена спирала на пораст на цените, но и конечно агресивна владина политика кон мотивирање на производството, нешто што го немаме како видлив елемент во последниве години. Сведоци сме дека маржите ни го јадат лебот, па затоа е подобро да се купува во денари отколку во девизи. Иако австралискиот премиер Албанезе не сакаше да ја прифати улогата на „Крокодилот Денди“, кој нели лови крокодили, сепак, ризикот со кој влезе Мицкоски и да лови домашни кајмани може да ја отвори портата за фер дијалог со големите маркети и давање можност на етички пазарни правила. Ни треба победничка стратегија за сите страни.