Адвокатот Антонио Апостолски ќе го застапува поранешниот директор на Државна лотарија Перпарим Бајрами во случајот за кој тој заедно со поранешниот вицепремиер Артан Груби и уште неколкумина е осомничен за проневера на околу осум милиони евра во Лотарија.
Информацијата за МИА ја потврди самиот Апостолски, кој рече дека Бајрами не е избеган од државата туку веќе неколку месеци живее надвор од државата.
И премиерот Христијан Мицкоски, говорејќи за овој случај, во гостувањето на емисијата „Кликплус“ рече дека директорот на Државната лотарија подолго време не е во државата.
– Моите информации се дека поранешниот директор на Државна Лотарија подолго време не е во земјата. Додека, поранешниот вицепремиер во текот на вчерашниот ден со еден стопанственик, со возило со дипломатски таблици ја напуштил Македонија и се упатил кон нашиот северен сосед Косово – рече Мицкоски.
Министерството за внатрешни работи распиша меѓународна потерница за Груби и Бајрами откако Основниот кривичен суд во Скопје им одреди мерка притвор од 30 дена.