Лидерот на германските демохристијани (ЦДУ) Фридрих Мерц моментално е фаворит да стане иден германски канцелар, по изгласаната недоверба на владата и заминувањето на Олаф Шолц од функцијата. Тој ги обвини и лидерите на централнолевичарската Социјалдемократска партија (СПД) и зелените дека ја понижиле земјата и го предизвикале нејзиниот економски пад. СПД и зелените сега се во владата и би можеле да бидат идни коалициски партнери и на Мерц, што сугерира дека следната коалиција може да биде некомпатибилна и конфликтна исто како онаа што тукушто пропадна
Песимистички предвидувања за германската политика по падот на владата на Шолц
Изгласаната недоверба на владата на германскиот канцелар Олаф Шолц во Бундестагот го отвора патот за одржување вонредни избори во февруари 2025 година, во ситуација кога Германија е во длабока политичка криза.
Шолц доби поддршка од 207 од 733 пратеници во Долниот дом на парламентот, додека 394 пратеници гласаа против, а 116 од нив беа воздржани. За опстанок на владата на Шолц беа неопходни 367 гласа. Шолц минатата недела поднесе барање за гласање доверба на Владата, откако владината трипартиска семафор-коалиција пропадна минатиот месец поради остри несогласувања за трошењето.
– На такви избори, граѓаните можат да го одредат политичкиот курс на нашата земја – им рече канцеларот во заминување на парламентарците за време на парламентарната расправа пред гласањето.
Лидерот на германските демохристијани (ЦДУ) Фридрих Мерц моментално е фаворит да стане иден германски канцелар, по изгласаната недоверба и заминувањето на Шолц од функцијата. Тој ги усогласи ставовите со повеќето германски пратеници во гласањето за недоверба на Шолц, но ги обвини и лидерите на централнолевичарската Социјалдемократска партија (СПД) и зелените дека ја понижиле земјата и го предизвикале нејзиниот економски пад.
– Додека прави чекори за станување германски канцелар, Мерц истовремено изведува остри напади врз политичарите со кои веројатно ќе мора да владее во заедничка коалиција – наведува европското издание на магазинот „Политико“.
СПД и зелените сега се во владата и би можеле да бидат идни коалициски партнери и на Мерц, што сугерира дека следната коалиција може да биде некомпатибилна и конфликтна исто како онаа што тукушто пропадна.
Предвремените избори во Германија се закажани за 23 февруари в година, што беше извесно по колапсот на т.н. семафор-коалиција минатиот месец. Жестоката парламентарна расправа сугерира големи несогласувања во ситуација кога Германија е во тешка политичка криза, како и кога Европа се справува со фрагментирани слаби влади во повеќе држави, како што заклучува реномираниот медиум „Политико“.