Како до поголема поддршка на бизнисите што генерираат работни места
- Бројките покажуваат дека вкупните девизни влогови во банките, и на граѓаните и на компаниите, надминуваат девет милијарди евра или, поточно, вкупните заштеди достигнуваат 564,962 милијарди денари. Но, од оваа сума, поголемиот дел е на населението и надминува шест милијарди евра или, попрецизно, дури 374,889 милијарди денари чуваат граѓаните во банките според последните податоци на Народната банка за октомври. Но вистинското прашање во овој контекст е имаат ли капацитет граѓанските заштеди за отворање еден значаен инвестициски циклус
- Може да се создаде сет на мерки што можат да го интензивираат процесот на мобилизирање на овие потенцијали, за кои треба соодветните институции да поддржуваат бизнис-проекти и идеи како стартап-акцелератори и други бизнис-активности што генерираат нови работни места, извозно ориентирани или пак поттикнување на дигитализација, истакнува академик Абдулменаф Беџети
Има ли начини како да се искористат граѓанските заштеди за инвестициски бум, за поддршка на бизнисите што би резултирале со поголем економски раст? Ова прашање се наметнува од фактот дека граѓанските заштеди во домашните банки достигнуваат шест милијарди евра. Тоа се средства што граѓаните им ги довериле на домашните банки и кои служат секако за кредитирање.
Сепак, неизбежно е да прашаме има ли мерки што можат да придонесат да се зголемат граѓанските инвестиции или, пак, да се искористат заштедите за инвестиции, за поддршка на проекти на бизнисите?
Да се спушти „рачната кочница“ за да стартува поголем економски раст
Академик Абдулменаф Беџети за „Нова Македонија“ укажува дека е факт оти кредитите за компаниите во Македонија сѐ уште се со високи камати, но и тешки за добивање, што е кочница за поголем економски раст.
– Кредитите сѐ уште се релативно скапи, особено за малите и микробизнис-иницијативи што немаат бонитет и кредибилитет или, пак, билансни капацитети за кои ризикот е доста висок и банките ги кредитираат со поскапи кредити – вели академик Беџети.
Бројките покажуваат дека вкупните девизни влогови во банките, и на граѓаните и на компаниите, надминуваат девет милијарди евра или, поточно, вкупните заштеди достигнуваат 564,962 милијарди денари. Но, од оваа сума, поголемиот дел е на населението и надминува шест милијарди евра или, попрецизно, дури 374.889 милијарди денари чуваат граѓаните во банките според последните податоци на Народна банка за октомври.
Со оглед на растот на овие средства, го прашавме академик Беџети дали има простор и мерки што можат да поттикнат поголем инвестициски бум или поголема искористеност на средствата за поддршка на бизнисите.
– Може да се создаде сет на мерки што можат да го интензивираат процесот на мобилизирање на овие потенцијали за кои треба соодветните институции да поддржуваат бизнис-проекти и идеи како стартап-акцелератори и други бизнис-активности што генерираат нови работни места, извозно ориентирани или, пак, поттикнување дигитализација и сл. Но, за тоа треба да постојат „гарантни институции“ или, пак, поделба на ризикот со комерцијалните банки. Засега банките се доста внимателни во преземањето ризични зафати и проекти што немаат кредибилитет и покрај историски најниската стапка на лоши или нефункционални кредити – потенцира Беџети.
Потребен модел за финансирање за да се мобилизира кредитниот потенцијал
Нашиот соговорник дополнува дека за да се мобилизира кредитниот потенцијал, исто така треба да се дизајнира модел за финансирање во наши специфични услови, каде што со дополнителни финансиски инструменти ќе се мотивираат банките да прифатат одредени ризици, меѓу кои и споделување на ризикот.
– Банката за развој (како државна) не се покажа доволно ефикасна за овие зафати. Од друга страна, покрај доста добро развиениот банкарски сектор, сѐ уште е недоволно развиен пазарот на капитал и преку корпоративните обврзници да се мобилизира поевтин капитал за да се создаде „кредитен простор“ кај комерцијалните банки за финансирање на помалите и почетните компании. Впрочем, теоретски постојат можности, но слабиот институционален капацитет во овие три декади од транзицијата, барем досега не покажа доволно можности – дополнува Беџети.
Банкарите од централната банка на Македонија проценуваат дека потребите и побарувачката на кредити и во следниве месеци ќе растат. Сепак, очекувањата се дека и понатаму поголема кредитна поддршка ќе добиваат домаќинствата.
– Последните оцени во монетарниот сегмент упатуваат на малку посилен раст на кредитната активност на банкарскиот сектор. За целата 2024 година се очекува стапка на кредитен раст од 7,5 отсто. Кредитниот раст, како и досега, ќе биде поддржан од растот на депозитите, како главен извор на финансирање. Се очекува дека депозитите во банкарскиот сектор ќе остварат солидни стапки на раст во целиот период на проекцијата, со оглед на натамошните релативно стимулативни услови за штедење во банките, довербата во банкарскиот сектор, како и очекуваниот раст на расположливиот доход на населението – посочуваат од Народната банка.
Нивните анализи укажуваат оти кредитната активност на банките во третиот квартал од годината забележа умерен квартален раст од 1,5 отсто. Анкетата за кредитната активност спроведена во третиот квартал од 2024 година покажува нето-олеснување на условите за одобрување кредити. Иако во третиот квартал има поголемо олеснување кај кредитите што им се даваат на домаќинствата отколку на компаниите. Сепак, за последниот квартал од годинава банките очекуваат олеснување на кредитните услови и зголемување на побарувачката кај двата сектора, но позасилено кај претпријатијата.
Кредитот од Унгарија – голем поттик за анемичното стопанство!
Како што е познато, министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска на 8 октомври во Будимпешта, во името на Владата на Македонија, го потпиша договорот за заем од унгарската Експорт-импорт банка. Кредитот е во висина од 500 милиони евра и, според низа економски и финансиски експерти, е со поволни услови: рок на отплата од 15 години, каматна стапка од 3,25 проценти и вклучен грејс период од три години. Половина од кредитот е предвиден за бизнис-секторот во Македонија. Она што е познато во бизнис-заедницата е дека со унгарскиот заем ќе се финансираат поединечни бизнис-проекти на македонските компании со финансиска проекција до 10 милиони евра. Каматата што ќе ја плаќаат компаниите ќе биде 1,95 проценти. Компаниите ќе имаат грејс период од три години, а рок на отплата до 15 години. Каматата ќе биде фиксна без разлика на периодот на отплата. Парите наменети за компаниите, Владата ќе ѝ ги префрла на државната Развојна банка, а преку неа тие ќе се распоредат кај комерцијалните банки, кои во форма на кредити ќе им ги даваат на фирмите. Каматата од 1,95 проценти ќе им ја плаќаат компаниите на деловните банки за ризикот што тие го преземаат. Од Развојната банка потврдуваат дека се подготвени и имаат капацитет за кредитирање преку деловните банки и дека се чекаат насоки од Владата.
– Се работи за спроведување проект на Владата. Следствено, критериумите за реализација на кредитните линии се уредуваат по насока на Владата, односно Министерството за финансии. Во зависност од финалната координација на Владата и банкарскиот сектор за реализација на унгарскиот кредит, Развојната банка ќе постапи во согласност со рамките на своите надлежности – велат од Развојната банка на Македонија. Е.Р.