Никола Јонков Вапцаров

Како поет Вапцаров останува запаметен по песните „Земја“ и „Илинденска“, кои се одликуваат со македонски национален патриотизам. Како македонски национален и културен деец останува запаметен и по рефератот со кој се конципира идеолошката и национална дејност на Македонскиот литературен кружок. Меѓу другото, во овој реферат, Вапцаров го нагласил лозунгот за „слободна и независна Македонија“ како програмски стремеж

Повод: 115 години од раѓањето на Никола Јонков Вапцаров

На денешен ден, 7 декември 1909 година, е роден Никола Јонков Вапцаров, еден од најзначајните македонски национални дејци помеѓу двете светски војни и еден од основачите на Македонскиот литературен кружок во Софија. Како поет останува запаметен по песните „Земја“ и „Илинденска“, кои се одликуваат со македонски национален патриотизам. Како македонски национален и културен деец Вапцаров останува запаметен и по рефератот со кој се конципира идеолошката и национална дејност на Македонскиот литературен кружок. Меѓу другото, во овој реферат, Вапцаров го нагласил лозунгот за „слободна и независна Македонија“ како програмски стремеж, а наедно и нагласил: „Ако во нас има капка македонска крв, ако во нас останала искра од благороден патриотизам, овојпат треба да го впрегнеме, ропски да го впрегнеме за да понесеме дел од тежината на едно дело и жестоко величие на една епоха“.

Револуционерната македонска средина влијаела на бунтовничкиот карактер на Вапцаров

Никола Јонков Вапцаров потекнува од македонско патриотско и револуционерно семејство, неговиот татко е Јонко Вапцаров, истакнат македонски револуционер и војвода од илинденскиот период, соработник на Јане Сандански, а учествува и во фамозната афера „Мис Стоун“. Револуционерната македонска средина влијаела на бунтовничкиот карактер на Никола Вапцаров, како и на љубовта кон Македонија како негова татковина.
Вапцаров почнал да пишува уште додека работел во фабриката во Кочериново, каде што напишал една драма за експлоатацијата на работниците. Неговата книжевна дејност продолжила и по преселбата во Софија, каде што своите песни ги објавувал во напредните весници и списанија. Во тој период, неговата песна „Романтика“ ја добила наградата на анонимниот конкурс во списанието „Летец“, а исто така победил и на конкурсот за радиодрама, но откако било откриено кој е авторот, драмата не била поставена. Подоцна, кога малку се поправила неговата материјална положба, Вапцаров ги собрал своите песни и ја објавил збирката „Моторни песни“. Притоа, тој ги обиколувал издавачите во Софија, но никој не сакал да ја објави книгата, така што тој и сопругата зеле пари на заем и ја објавиле книгата како сопствено издание.
За да се скрие од власта, тој се потпишал само како Никола Јонков. Според сведоштвото на неговата сопруга, во тој период, името на Вапцаров било игнорирано не само од официјалната туку и од прогресивната книжевна критика. И покрај тоа, Вапцаров бил многу ценет од неговите другари и уживал голема популарност кај прогресивните читатели, а неговите песни биле често рецитирани на многубројните забави и вечеринки.

Обид за атентат

Поради членството во Бугарската комунистичка партија, Вапцаров паднал во немилост на профашистичите реакционерни сили во Бугарија. Најпрвин, во 1933 година, тој бил тепан од страна на функционери на ВМРО поради неговите политички дејствувања. Според сведоштвото на Георги Караславов искажано во „Средби и разговори со Никола Вапцаров“ (Софија, 1961), припадниците на ВМРО на Иван Михајлов извршиле неуспешен атентат врз Вапцаров на патот меѓу Горна Џумаја и Бараково, кога „непознати“ лица пукале во Вапцаров, но не успеале да го погодат.
Најпрвин, Караславов сметал дека причината за атентатот била тоа што Јонко Вапцаров бил „протогеровист“ и противник на михаиловистите или, пак, можеби поради тоа што Никола му помагал на својот татко.
Но самиот Никола Вапцаров му кажал дека обидот за убиството бил поради неговата комунистичка активност во фабриката во која работел. По неуспешниот атентат врз него, Вапцаров напишал писмо до Ванчо Михајлов, прашувајќи го зошто сакаат да го убијат, а овој настан подоцна го инспирирал да ја напише стихотворбата „Песна“.

Македонскиот литературен кружок

Македонскиот литературен кружок во Софија претставува една од најзначајните пројави во литературно-културниот континуитет и развитокот на македонската национална мисла. Тој е директно продолжение на националната мисла изразена во Словеномакедонската книжевна дружина на Ѓорѓи Пулевски од 1888 година и Младата македонска книжовна дружина од 1890 година, како и на Македонското научно-литературно другарство од Санкт Петербург.
Кружокот бил формиран во август 1936 година, околу редакторите на весникот „Македонски вести“ во Софија. Меѓутоа набргу потоа споменатиот весник бил укинат, а неговите редактори биле гонети. Во периодот 1937-1938 година, кружокот бил нелегален и егзистирал под името Македонски литературен-публицистички кружок „Нација и култура“. Програмски бил обновен во 1939 година, а неговото јадро се состоело од Никола Вапцаров, Антон Попов, Михаил Сматракалев (Ангел Жаров), Кирил Николов, Ѓорѓи Абаџиев, Асен Шурдов и други. Член на кружокот бил и Димитар Митрев, познат македонски научник и општественик. Подоцна во кружокот беа опфатени уште и македонските поети Коле Неделковски, Венко Марковски и новинарот Митко Зафировски.
Меѓу другото, кружокот ги разгледувал творбите на членовите, како и актуелните теми што биле поврзани со македонскиот национален развиток и култура. Опширно била истражувана и книгата „За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков, а свои реферати за нејзиното значење дале Никола Вапцаров и Антон Попов. „За македонцките работи“ била пронајдена од Коле Неделковски, а на 18 мај 1940 година, Неделковски, од името на кружокот, му пишува на д-р Сергеј Крсте Мисирков, синот на Крсте Мисирков, кој тогаш живеел и работел во градот Елена.

Ние милееме за својата татковина

Знаменит останува воведниот реферат на Никола Вапцаров на првиот, обновувачки состанок на кружокот (октомври 1938) што потоа беше вообличен во познатата негова песна – поема „Доклад“ (реферат). Овој реферат на Вапцаров ја конципира идната идеолошко-политичка и национално-литературна дејност на Македонскиот литературен кружок во Софија. Вапцаров е мошне критичен кон дотогашната дејност на македонската интелигенција и особено кон Македонците што пишуваат. Тој зборува за татковината како идеал, за јакнењето на едно поколение ентузијазирано од лозунгот „слободна и независна Македонија“ како програмски стремеж, зашто се работи за најважната етапа од македонското прашање во последниве години.
– Но, ако ние милееме за својата татковина, ако во нас има капка македонска крв, ако во нас останала искра од благороден патриотизам, овојпат треба да го впрегнеме, ропски да го впрегнеме за да понесеме дел од тежината на едно дело и жестоко величие на една епоха… Што направивме ние, другари, за да го помогнеме политичкиот процес? Направивме ли нешто системно, организирано? Се помачивме ли барем да создадеме убедување дека постои македонска книжевност? Се помачивме ли со своите слабички сили да создадеме впечаток дека постојат група луѓе што пишуваат што не ја заборавиле својата татковина?… Ние требаше да бидеме авангарда, така по свое, а останавме назад – нагласил Никола Јонков Вапцаров во својот реферат.
Тој ја истакнал и важноста од познавањето на македонската историја, особено на национално-револуционерното движење.
– Ние треба да ја познаваме македонската историја и најмногу историјата на нашето национално-револуционерно движење – Илинден, Гоце, Даме, битките. Нивната смрт и подвизите на многу непознати. Треба да се создаде таканаречената револуционерна романтика што е составен дел на уметничкиот реализам – истакна Вапцаров во својот реферат пред другите членови на Македонскиот литературен кружок.

Осуден на смртна казна како убеден антифашист

Како убеден антифашист, на 4 март 1942 година, Вапцаров бил уапсен, заедно со Атанас Романов и Антон Попов, по што бил подложен на измачување од полицијата во текот на четири месеци. Заедно со поголема група антифашисти, во судскиот процес против ЦК БРП, Вапцаров бил осуден на смртна казна, без право на жалба. На 23 јули 1942 година, во 11 часот, на Вапцаров и на другите осудени им била прочитана пресудата. Истата вечер, во 21 часот и 10 минути, Никола Вапцаров и Антон Попов, заедно со четворица други бугарски антифашисти биле стрелани во дворот на една софиска касарна.
Осврнувајќи се на судењето на нејзиниот син, мајка му на Никола Вапцаров во своите „Спомени за мојот син“, објавени во Софија, во 1960 година, запишала: „Нема бог, не може да има. Ако имаше, тој ќе ме слушнеше. Јас толку од срце се молев да ми го спаси синот, мојот син, кој се бореше за среќата на народот, но тој не ме слушна. Или пак, ако го има, тој е ѕвер… Го уништив во своето срце бога, но најдов во зборовите на Никола повеќе вистина: ‘Ако треба, и ти ќе умреш за таа идеја’ – така ми рече тој. И тие негови зборови за мене станаа смисла на животот“. Д.Ст.