Ич да не се чудите, ако на крајот излезе дека вистинска причина за почеток на третата, ем нуклеарна светска војна биде огромното количество чудна, згусната, ама гадно нервозна енергија испукана од Скопје кон вселената. Го знаете она, некои го нарекуваат закон на привлечноста или тоа беше некој друг муабет, небитно, кај нас најчесто е склопено како „не си ја барај бељата“ или „што си бараше, тоа си го доби“, како и да е, мислам на онаа теза дека силно насочена енергија може да го предизвика посакуваното, а се потврдува со некои примери што ги живееме. Изгледа пак ќе врне за 2 мај. Па нормално ќе врне кога истото сите го мантрате.
Замислете си сега десетици илјади луѓе што во исто време, гадно нервозни и сериозно изѕемнати, стојат збиени по автобуските постојки и чекајќи го автобусот што нема да дојде, знаејќи дека тоа ќе ги чини доцнење на работа, казна од шефот, неможност да стигнат до болница или друга за нив битна дестинација, со последните капки немоќ и фрустрација на очните капаци, гледаат кон небото и низ ум или гласно ја исфрлаат енергијата како зборовна конструкција: „Дај бре, Путине, рокни ја веќе тоа нуклеарката, нека оди сè во мајчина!“
Добро, на сите ни е јасно дека ова што му се случува на Скопје е политичко препукување меѓу лидершипот на престолнината и владејачката партија, тензија што постоеше и кога сегашната власт беше опозиција, сеедно што токму таа, тогаш, со своите гласови ја донесе оваа градска управа, нејзина грешка, наш проблем, но само ние што живееме тука, ќе сркаме што сме надробиле, ама ќе преживееме и ќе продолжиме понатаму. Многу поголем проблем е прашањето, што ако има логика во она што едно чудо луѓе низ светот го тврдат и дали сето тоа ќе го преживееме ако е вистина муабетот што го тераат? Чекајте да се симнам пасус подолу, оти ме фаќа вртоглавица од темава на колумнава што којзнае по кој пат ја преџвакувам.
Ете така, пасус подолу… Што тоа луѓе низ светот пишуваат и зборуваат? Па, многумина велат дека оваа нездрава ескалација што нè донесе преку минско поле небулози до прагот на нуклеарна гротеска по која живите ќе им завидуваат на мртвите, има нераскинлива врска со фактот дека мнозинството Американци го сакаат Доналд Трамп за свој претседател. Некои од нив дури исцртуваат едно налудничаво сценарио, кое треба допрва да се одвива и немојте веднаш со она здодевно, ама тоа е теорија на заговор, оти што се однесува до мене, се држам до чудната реченица на мојот пријател од Хрватска, кој вели, можеби јас сум параноичен, ама тоа не значи дека заговорот не постои. Заговор или не, сценариото што многумина го исцртуваат вели дека со засилување на ескалацијата меѓу Западот и Русија, Бајден ќе даде оставка, по што мадам Камала ќе стане в.д. претседателка на САД и воведувајќи воена состојба или нешто слично, ќе го држи Трамп уште долго далеку од инаугурација. Но и да е тврдењево будалаштина, новонастанатава ситуација, апсолутно му ја комплицира позицијата на Трамп, да го спроведе тоа што го ветуваше (ако стварно има таква можност и намера), односно, да се бори за мир во Украина.
Но колку да сакам да завртам грб на сите овие збиднувања, не можам да побегнам од некои прашања што и мене ми се појавија. Што, по ѓаволите, чекаше Бајден досега? Зошто баш пред неколку дена му текна да ѝ даде дозвола на Украина да ја гаѓа Русија со ракети со долг дострел? Зошто не донесе таква одлука пред изборите? Или пред шест месеци? Па, еве, го поминавме илјадитиот ден како таму се војува. А? Зошто баш сега? Може сакал он и порано да даде ваква дозвола, ама ја затурил некаде идејата разговарајќи со плишаното мече и невидливиот човек, кој секогаш го поздравува. Или баш сега е вистинскиот момент за оваа ескалација, бидејќи се чекаше Русите да ги истрошат миксерите од кои вадат чипови и да им се отапат лопатите со кои војуваат низ Украина. Тоа ли е муабетот? Не можеа да ја гаѓаат Русија порано, ами токму сега дојде моментот кога Украина е до неповрат исцрпена, со искасапена војска и со сè помалку оружје, а територија, метар по метар, губи на дневна основа. А бе, сите вие аналитичари и реалполитичари можете колку сакате да се потсмевате на „заговори“, ама токму на ова смрди работата, победата на Трамп и намерната ескалација одат рака под рака фатени.
На Бајден му е гајле, нема ни да знае дека бил дел од сценариото за крајот на цивилизацијата, сеедно што плишаното мече секоја вечер, пред спиење, го предупредува. Камала Харис не верувам дека разбира половина од она што нејзините, за нас невидливи, шефови ѝ го зборуваат. Путин доаѓа од народ што секогаш изгледа како песните од старите војни да им здосадиле, па мора нешто да се прави за да се испеат нови. ЕУ личи на машината што прави ПЛИНК, на почетокот од филмот „Смислата на животот“ на Монти Пајтон. Мене ми стана јасно (ме заболе соработников дали и ова звучи како теорија на заговор) дека Западот ја сака Украина без Украинци, уште на денот кога Москва и Киев постигнаа договор во Истанбул за прекин на војната при што Русија ќе се повлече од сите украински територии, освен Крим, а украинската држава ќе ги врати правата на своите рускозборувачки сограѓани и ќе се откаже од НАТО, ама Борис Џонсон, пудлицата на хегемонот, му џавкаше на комедијантот и Зеленски одби да потпише. Прогресивните глобал-фундаменталисти што ве убедуваат во тезата дека единствен прифатлив мир е оној во кој Русија ја губи војната се крвожедни лудаци што ќе ја „бранат“ Украина до последен Украинец.
Не знам за вас, можеби уште сте рамнодушни или оптимисти дека најлошото нема да дојде, можеби веќе ја насетувате паниката, мене искрено, гајле ми е, доволно љубев и ме љубеа, уживав во прозата на животот дури во мене раѓаше поезија, научив дека богатството не е материјална категорија, а сиромаштијата не може да ме оддалечи од уметноста како моја приказна, патем, ми се прди за моќта на елитите и нивната опсесија со доживување на планетата како нивна сопствена мека столица, па оттука, ако е до мене, (а не е), може сè да оди по ѓаволите. Дури нема ни да му се молам на Господа во кој верувам, да нè спаси од безумните, оти од кај да знам, не можам да му се мешам во домострој, можеби за него, токму ние сме без ум кога за богови ги признаваме лудациве. Како и да е, низ Западна Европа веќе се ставени во план за катаклизмична разврска, па се трупаат резерви храна, се чистат и реновираат подземни скривници за спас од нуклеарна оргија. Јас планирам со печурките да се соочам од клупа, со цигара, џоинт и пиво во раката. Ако ви е до себе и вашите, пикајте се по скривници, чисто да ви спомнат, таму нема да има Инстаграм и Фејсбук. Фак, нема да можам да ви испратам селфи со печурката.