Милиони Швеѓани деновиве добиваат брошури со совети за населението како да се подготви и да се однесува во случај на војна или други неочекувани кризи.
Брошурата, создадена пред шест години, сега е ажурирана поради, како што шведската влада ја нарекува, влошена безбедносна ситуација, пред се поради војната во Украина. Книшката сега е двојно поголема, пишува Би-Би-Си.
Последниве месеци, Финска и Норвешка, исто така, обезбедија брошури за своите граѓани. Хелсинки користеше електронска брошура, наместо печатен материјал, во обид да заштеди пари на даночните обврзници, додека Осло дистрибуираше 2,2 милиони хартиени брошури, „по една за секое домаќинство во Норвешка“, објасни портпаролот на норвешката Дирекција за цивилна заштита.
Советите дадени во памфлетите – кои се препечатени и ажурирани од претходните верзии – обезбедуваат основни информации за преживување, вклучувајќи храна и лекови, истовремено нагласувајќи дека нордиските земји се подготвени за „самоодбрана“ во случај на војна.
„Ако Шведска биде нападната од друга земја, ние никогаш нема да се предадеме. Сите извештаи дека отпорот мора да престане се лажни“, соопшти советот во Стокхолм.