Дон Кихот од Муртино на пат кон Корошишта

Генијалниот Сервантес веројатно имал привидение дека Дон Кихот и неговиот придружник Санчо Панса ќе се појават по четири века, не во потрага по Дулчинеа, не баш како месии, туку како спасители на едно племе балканско што сакаат да го истребат. Духот на тој шпански рицар ќе влезе во едно тело црпнато од нивите на струмичко Муртино, како да бил од Бога избран. Сервантес како да знаел дека на древното европско племе Македонци ќе им треба спас, а сите негови проблеми, трауми и политики на изми ќе ги реши подновениот Дон Кихот

Можеби на прва ќе ви изгледа смешно, па и смешно е, затоа да се смееме. Но, ако малку подобро размислиме, од смешка многу лесно ќе дојдеме до поентата, дека станува збор за гротеска, за масовна слика, фемили фото, на една нација што ги живее деновите и ноќите врамена во гротеска. Колективна казна пред светот. И тој ни се потсмева и крева раменици, не нѐ разбира. Па, вие сте смениле име на држава?! Идентитет!
Тука и овде настанува продолжение на класиката на светската литература, на генијалниот Мигуел де Сервантес, неговиот измислен јунак Дон Кихот од Ла Манча доживува реинкарнација. Генијалниот Сервантес веројатно имал привидение дека Дон Кихот и неговиот придружник Санчо Панса ќе се појават по четири века, не во потрага по Дулчинеа, не баш како месии, туку како спасители на едно племе балканско што сакаат да го истребат. Духот на тој шпански рицар ќе влезе во едно тело црпнато од нивите на струмичко Муртино, како да бил од Бога избран. Сервантес како да знаел дека на древното европско племе Македонци ќе им треба спас, а сите негови проблеми, трауми и политики на изми ќе ги реши подновениот Дон Кихот. Тој и не чекал многу туку со Санчота тргнал на пат низ Македонијата, низ Грција, таму решавал проблеми, таму склапал дилови, таму го сукал мечот на страшните непријателски мелници, па скршнал и до Нивици. Никаде не одел без Санчо Панса, дури ни до Благоевград.
Сега Дон Кихот е на пат кон Корошишта, зашто таму е појавен нов само нему видлив непријател и тој мора да заврши уште една мисија успешно. Сите пронајдени артефакти во таа древна гробница, која е археолошко сведоштво за постоењето на македонската цивилизација и културна самобитност, тоа не е римска некропола тука архајска, треба да добие хеленистички белег. Значи да се фалсификува, да се каже дека е грчка. Тоа што погребните обичаи и церемонии при кои се користеле и златни маски не се грчки обичај, не е толку важно, зашто поважна е приказната. А историјата е приказна што некои знаат да ја раскажат на сочен јазик. Не користете стакато, бидете малку нежни кога раскажувате приказни за далечното минато. А за Дон Кихот нема само приказна туку има и прикази. Тој гледа нешто што ние не можеме, тој е занесен во неговиот сон, кој нѐ дотера во нашата масовна духовна гробница. Сега неговата мисија е да нѐ убеди дека тоа што е откопано и извадено на дневна светлина по две-три илјади години не е наше, на некои наши предци, туку на некоја друга култура. Ајде господа научници и археолози, пукајте се сега не во нога, туку погоре. Така е запишано во Преспанскиот договор, дека „тази дупка не е дупка“ од вицот, односно дека тие значајни артефакти првин за нас, а потоа и за светот, се наши, ама не се наши.

Преспанскиот договор е македонскиот фалсификуван Ковчег на заветот, а Северна Македонија отворена идентитетска гробница. И замислете, во Корошишта, покрај сите досега откриени артефакти, на златните предмети е втиснат жиг на шеснасеткракото сонце, вечниот македонски симбол, кој во 21 век на Македонците им е забрането да го користат. Мораат да го брусат. Ова е археолошки талибанизам на европска почва. Ако ова звучи пресилно, бидете уверени дека може да се каже и посилно и погрубо.
Ова епохално откритие во Струшко е во тесна поврзаност во историска и археолошка смисла со некрополата во Требеништа, откаде од гробовите потекнуваат 825 предмети, од кои 258 се чуваат во Археолошкиот музеј во Софија, 187 во Народниот музеј во Белград, си се китат со нашите златни маски, и 380 во Заводот за заштита на спомениците на културата во Охрид. Кратко резиме: ако имавме суверена македонска држава, ќе ги баравме назад агресивно, со викање и со објавување низ целиот свет. Имаме право на тоа. Но, за жал, борбата на неразбраниот дома, па ни од своите најблиски, Дон Кихот, кој мора да се забавува во далечниот Дубаи, сега придонесува многу потешко да ги бараме зашто Санчо Панса ставил потпис во Нивици и рекол дека тоа што ќе го најдеме и не е баш наше. Дека споменикот на Александар Македонски ние го направивме, ама тој како лик не ни припаѓа нам. Наш е мермерот што е вграден во тој монументален споменик, а името и славата и, најважно, наследството не биле наши. Се плашам и од помислата да го отворам саркофагот поставен во црквата „Свети Спас“, каде што почиваат коските, духот и срцето на македонскиот апостол Гоце Делчев, оти можно е Дон Кихот и него да го смета за непријател и да го однесе некаде далеку, далеку од таму каде што му е местото на вечното почивалиште.
И пуштен е духот на Дон Кихот да шета низ Македонија, ама до кога? Под полна пареа веќе шест-седум години се ретушираат артефакти и историски читанки, а како што читам во археолошките билтени едвај некаде да се спомне дека станува збор за епохални откритија на древната македонска култура.

Па бамбуси не открија. Да, открија чунови, со кои можеби го преминале Дунав некои наши измислени предци, претечи на Дон Кихот, ама нивната измерена старост е со неолитски датум. И сега?
Како златен венец да му постави на главата на Дон Кихот (старомакедонска традиција и ритуал) министерот Арбен Таравари кога побара на сите археолошки локалитети да работи и еден Албанец. Зошто па баш еден. Може и по двајца. Браво, така се станува академик на идната албанска академија на науките и археологијата. Ова е како по урнек на високобуџетен холивудски филм, каде што на пример за пари во многу филмови се става лик на некојси Грк. Не е важно дали тоа има смисла, важно да се спомне името Грк. Во поновите серии што се вртат и на Нетфликс ептен е потребно и мора, за да капнат долари, да има кеш, да се стават ликови од ЛГБТК… заедницата. Тоа е духот на времето. Понекогаш во историјата правата линија мора да се искриви, да се извитопери без значајни физички сили.
Така станавме една отворена некропола во која државата е некој чуден археолошки артефакт, засега непознат, недефиниран, подложен на длабоки истражувања. Чудни духови хараат низ македонскиот простор. Карванот врви, а како што ќе рече Венко Андоновски, ав, ав, ав, Шарко лае.