Извршниот комитет (ИК) на Европската фудбалска унија (УЕФА) реши системот видеоасистент-судија (ВАР) да почне да се употребува од осминафиналето во Лигата на шампионите (ЛШ), од 12 февруари 2019 година. ВАР ќе сеупотребува и на финалето на Лига Европа (ЛЕ) сезонава, на финалниот турнир во Лигата на нациите (ЛН) во јуни во Португалија, како и на завршниот турнир на младинските европски првенстваво 2019 и во 2021 година.
УЕФА уште во септември одлучи ВАР да се воведе во ЛШ од следната сезона, и тоа уште од плејоф-фазата во август, како и на суперкуп-натпреварот во 2019-та. Планирано е, а наскоро тоа треба да се официјализира, ВАР да се користи и на завршниот турнир на ЕП 2020, во групната фаза натпревари во ЛЕ, како и во ЛН во 2021 година.
ВАР се користеше на Светското првенство летово во Русија и успешно го положи тестот. Оваа видеотехнологија веќе се користи во четири од петте најквалитетни европски фудбалски лиги. Англиските премиерлигаши се договорија ВАР да го воведат од следната сезона. Л.Д.