Комесарот на Европската Унија за проширување Јоханес Хан вчера престојуваше во Приштина, каде што со претседателот Хашим Тачи, претседателот на Собранието, Кадри Весели, и со премиерот Рамуш Харадинај ќе разговара за таксата од 100 отсто што косовската влада ја воведе кон увозот од Србија и од Босна и Херцеговина, јави дописникот на МИА од Приштина. Белградските медиуми вчера објавија дека Хан, претходно во Белград се сретнал со српскиот претседател Александар Вучиќ.
Најавени се и средби на Хан со лидери на опозициските партии, меѓу кои и со претставниците на Српската листа, која од воведувањето на таксата, иако учествува во Владата на Рамуш Харадинај, најави дека ќе дејствува опозициски.
Се очекува еврокомесарот да го повтори повикот на Брисел за укинување на таксата, меѓутоа премиерот и министрите Албанци во косовската влада се категорични во ставот дека таксата нема да се укине „сѐ додека Белград не го смени својот деструктивен однос“ кон Приштина.
Шефицата на Канцеларијата на ЕУ на Косово, Наталија Апостолова, вчера изјави дека пораката на комесарот Јоханес Хан при посетата на Приштина е јасна, а тоа е укинување на таксата за српската стока, објави „Кчан Косова“.
Апостолова нагласила дека Косово со оваа одлука ги крши меѓународните закони и принципите за слободна трговија на ЦЕФТА.
Шефицата на делегацијата на ЕУ во Приштина вчера беше во косовскиот парламент за да ги посети пратениците од Српската листа, кои претходната ноќ ја поминале во просториите на пратеничкиот клуб. Тие барале средба со еврокомесарот Хан, за да го информираат за нивните барања во врска со новонастанатата состојба во Косово.
Жените од српска националност во Косовска Митровица вчера организираа протестен марш, со барање за укинување на таксата од 100 отсто што косовската влада ја воведе на увозот на производи од Србија, јави дописникот на МИА од Приштина.