Фото: ЕПА

Дали ЕУ е сосема неподготвена за уште еден мандат на Трамп или, пак, е малку подобро подготвена отколку што беше пред осум години?! А факт е дека ЕУ-блокот е веројатно уште покршлив и пофрагментиран отколку пред првиот мандат на Трамп. Француско-германскиот мотор, кој долго време се мачи, е целосно дисфункционален. Оската не ЕУ демонстрира разединетост пред изборот на Трамп, а во Брисел нема да имаат многу време да се реорганизираат за унисона акција. Згора на тоа, Виктор Орбан има намера да ја турка својата предност сѐ додека моментот е поволен за него

За вечерата на лидерите на Европската Унија (ЕУ), кои се состанаа во Будимпешта на неформалниот самит на Европската политичка заедница (измислена од францускиот претседател Емануел Макрон) во четвртокот, унгарскиот премиер Виктор Орбан планираше да отвори шампањ за да го прослави изборот на неговиот пријател Доналд Трамп за претседател на САД.
– Победа што навистина му беше потребна на светот, уверуваше Орбан на социјалната мрежа Икс, во својата порака со која на Трамп му ја честита изборната победа – пишува париски „Либерасион“.
Унгарскиот премиер е голем поддржувач на Трамп. Никогаш не го напушти, ниту по нападот на Капитол ниту за време на неговите правни неуспеси. Само годинава двапати го посети на Флорида, без воопшто да се потруди да се сретне со Џо Бајден, иако тој е актуелен претседател. Орбан дури го увезе „американскиот допир“ на Стариот Континент, избирајќи го трампистичкиот слоган за ротирачкото претседателство со ЕУ што го има Унгарија: „Направете ја Европа повторно голема“.
За возврат, републиканскиот кандидат великодушно го цитираше во своите говори. „Еден од најсилните лидери во целиот свет“, „некој што многу го почитувам“, „не пушти ниту еден странец во неговата земја, ниту еден, нула“. Невозможно е да се пропуштат овие извадоци, од кои унгарскиот премиер објави избор на платформата Икс. Виктор Орбан е убеден дека враќањето на Трамп ќе му овозможи да се стави себеси во центарот на европската игра. За разлика од многу лидери, тој е во близок контакт со новоизбраниот претседател, кој му се јави во средата. Имаше дури и гласини дека тој би можел да го покани Трамп да учествува на самитот преку видеоврска. За да се избегне такво изненадување, ЕУ побара вечерата да биде резервирана за лидерите што се на функција.

Геополитички договори

Шампањот најверојатно имаше „горчлив“ вкус за повеќето гости што учествуваа на оваа вечера посветена на трансатлантските односи. Цел ден Европејците, исто така, собрани во унгарската престолнина на самитот на Европската политичка заедница (ЕПЗ), простор за размена на размислувања меѓу европските земји, не само членките на ЕУ, го повикуваа континентот да изгради своја стратегиска автономија.
– Ни се поставува прашањето дали сакаме да ја читаме историјата напишана од другите – војните што ги почна Владимир Путин, американските избори, изборите направени од Кинезите, или сакаме да пишуваме историја – гласно праша Емануел Макрон.
Уште пред гласањето во САД, во истата насока се изјасни и полскиот премиер Доналд Туск.
– Некои велат дека иднината на Европа зависи од американските избори, но пред сѐ зависи од нас. Под услов Европа конечно да расте и да верува во сопствената сила. Што и да се случи, ерата на геополитички подизведувачи заврши – рече полскиот премиер Доналд Туск на почетокот на неделата.
Полска се движи во оваа насока: Нејзината дипломатија е сѐ поактивна, а во Европа сѐ повеќе се слуша нејзиниот глас. На воено ниво, земјата ги зголеми трошоците за одбрана на четири отсто од БДП и има амбиција да стане најголема армија на континентот.

ЕУ-блокот е фрагментиран и кршлив како никогаш досега

Но на другите места во Европа, тие „големи говори“ за стратегиска автономија, повторени по првите избори на Трамп во 2016 година, пандемијата на ковид-19 во 2020 година или почетокот на војната во Украина во 2022 година, дадоа мал плод. Можеби изгледа дека ЕУ е малку подобро подготвена за уште еден мандат на Трамп отколку што беше пред осум години. Но ЕУ-блокот е веројатно уште покршлив и пофрагментиран отколку тогаш. Француско-германскиот мотор, кој долго време се мачи, е целосно расипан. Париз стана нечуен по предвремените парламентарни избори во јуни и воспоставувањето десничарска влада, која ќе се одржи само додека Националниот собир е подготвен да ја толерира. Во Берлин владината коалиција штотуку пропадна. Законодавните избори ќе се одржат напролет, во сѐ поголемата сенка на Алтернатива за Германија.
Во Италија, Словачка и во Холандија сојузниците на Орбан дојдоа во владата, сами или во коалиција. Тоа наскоро би можело да биде случај и во Австрија, каде што десницата победи на изборите во септември. Џорџа Мелони, италијанската премиерка од десничарска партија, веќе почна да го предизвикува Орбан за титулата најдобар сојузник на Трамп на континентот.
Како и Орбан, Мелони е еден од ретките државни лидери што разговарале со новиот американски претседател, и тоа во средата, по американските избори. Трамп по тој повод искажа став дека „италијанските имиграциски реформи – со отворање центри во странство за ексинтернализирање на барателите на азил – може да ја инспирираат новата американска администрација“.
Веќе доста разединети пред изборот на Трамп, во ЕУ нема да имаат многу време да реагираат. Виктор Орбан има намера да ја турка својата предност сѐ додека моментот е поволен за него. Тој веќе две години повикува на „мир во Украина“ и смета дека новиот американски претседател е единствениот способен да ги оствари таквите желби.
– Постојат повеќе шанси од кога било војната да заврши – соопшти унгарското Министерство за надворешни работи по изборот на Трамп.
Орбан, од своја страна, проценува дека „промировните сили“ ќе бидат мнозинство во „западниот свет“ до крајот на годината.
– Некои од вас силно препорачаа Украина да направи отстапки пред Путин. Тоа е неприфатливо за Украина и самоубиствено за цела Европа – одговори украинскиот претседател Володимир Зеленски, исто така присутен во Будимпешта.
Унгарците нема да можат да го слушнат неговиот говор, кој не беше емитуван на националната телевизија. Првата „жртва“ по изборот на Трамп, сепак, не е Украина, туку европските аспирации на Грузија. Првично планирано на агендата за дискусии од дваесет и седумте, европската реакција по оспорената законодавна победа на прорускиот Грузиски сон ги има сите шанси да падне во втор план, па дури и да отпадне.

Тони Гламчевски, дописник на „Нова Македонија“ од Стразбур


Војната во Украина откри многу слабости во воениот капацитет на Европа и таа не може да ја обезбеди сопствената безбедност. Главните вооружени сили на Европа „остануваат под потребните ефективи, премногу од нив продолжуваат да губат војници без доволно да ја поттикнат помладата генерација да се ангажира“, е заклучокот на истражувањето на Меѓународниот институт за стратегиски студии (ИИСС). На Европа ѝ недостига воен персонал, а нејзините одбранбени капацитети остануваат недоволни, дури и со зголемувањето на нејзините трошоци по рускиот настап во Украина…

Студија на Меѓународниот институт за стратегиски студии (ИИСС)

Вооружени сили на европските држави се под потребните ефективи

Додека европските лидери дебатираа во Будимпешта во рамките на Европската политичка заедница, пристигна студија од британски аналитички центар, според која на Европа ѝ недостигаат воена сила и одбранбени капацитети, и покрај зголемувањето на трошоците по војната во Украина.
На Европа ѝ недостига воен персонал, а нејзините одбранбени капацитети остануваат недоволни, дури и ако нејзините трошоци се зголемени по рускиот настап во Украина, според студијата на британски аналитички центар објавена во петокот. Овој извештај е објавен во време кога европските земји ја доведуваат во прашање истрајноста на американската воена поддршка за Украина по изборот на Доналд Трамп и се зголемуваат повиците за зајакнување на одбраната на континентот.
Главните вооружени сили на Европа „остануваат под потребните ефективи, премногу од нив продолжуваат да губат војници без доволно да ја поттикнат помладата генерација да се ангажира“, соопшти Меѓународниот институт за стратегиски студии.
– Тие продолжуваат да се потпираат на Соединетите Американски Држави во различен степен во сите воени области – посочува оваа група на експерти, која организираше форум во Прага, Чешка, за зајакнување на европската одбрана.
Секако дека „европските членки на НАТО ги зголемија своите трошоци за 50 отсто“ по анексијата на Крим од Русија во 2014 година, но војната во Украина во 2022 година откри многу слабости во капацитетот на Европа и таа не може да ја обезбеди сопствената безбедност. Арсеналот беше „сериозно намален по крајот на Студената војна“ и „одбранбената индустрија во Европа исто така се намали“, се наведува во студијата.

Зависност во САД

Производството во некои сектори, вклучувајќи ја и противвоздушната одбрана и артилерија, сепак е значително зголемено од 2022 година, бидејќи производителите на оружје одговараат на потребите на Украина. На пример, годишното производство на муниција од калибар од 155 милиметри на „Рајнметал“ се зголеми за десет пати и достигна 700.000 единици.
Конечно, половина од нарачките од европските земји на НАТО во моментов одат во европски компании, во споредба со 34 отсто за американските системи. Во средата новиот европски комесар за одбрана Андриус Кубилиус рече дека ЕУ треба да троши повеќе за својата одбрана, не поради реизборот на американскиот претседател Доналд Трамп, туку поради заканата од Русија. Додека изминатиот викенд европските лидери се собраа во Будимпешта, Унгарија, францускиот претседател Емануел Макрон рече дека не треба „засекогаш да му ја делегираат својата безбедност“ на Вашингтон. Т.Г.