Изложбата „Кара“ на Бојан Ковски отворена во Националната опера и балет беше вистински спектакл што обедини уметнички ентузијасти и љубители на културата, сплотени во почитта кон иконата „Рафаела Кара“.
– Настанот беше магичен, преполн со енергија и инспирација, при што публиката беше поканета на визуелно и емотивно патување преку живи уметнички инсталации, кои го славеа нејзиниот дух. Изложбата прикажа 12 уникатни инсталации на живи модели, секоја посветена на различна песна на Кара, при што моделите станаа живописни платна што ги отелотворуваа ритамот и енергијата на нејзината музика. Особено впечатлив момент беше финалната изведба, кога пред очите на присутните се создаде уметничко дело на последниот модел, носејќи го целиот простор во директна комуникација меѓу уметноста и публиката – велат организаторите.
Настанот беше богат со визуелни и емоционални слоеви, комбинирајќи ги уметноста на телото и културното наследство на Кара со теми на слобода и индивидуалност. Овој настан беше заокружен со соработка на врвни фотографи и стилисти, кои ги истакнаа убавината и уникатноста на секоја креација.
Вечерта беше дополнително збогатена со диџеј-сетот на Флудер и Мартин, како и со премиерната изведба на новата песна „Жена“ од Антонија Гиговска, која донесе уште еден емоционален слој на настанот. Изложбата „Кара“ ги претстави уметноста и музиката на начин што ги поврза минатото и сегашноста во незаборавен дијалог, инспирирајќи ги сите присутни и потсетувајќи на моќта на уметноста и нејзината способност да ги обедини луѓето.
Приказната продолжи на истата локација со матине и неформално дружење со уметникот Бојан Ковски.
Модели беа: Каљтрина Круезиу, Ведрана Ѓорѓевиќ, Александар Динев, Ангелина Китановска, Миа Араби, Антонија Гиговска, Даниел Николовски, Иван Ајнштајн, Никита Сабот, Еха Арт, Арѓенд Ѓиѓа, Стефан Стефановски, Катерина Попева.