„Остен биеналето Скопје“ во подготовка

За „Остен биеналето Скопје“ се пријавени 237 уметници од 51 земја со 863 дела. Официјална изложба ќе се одржи од 6 февруари до 6 март 2025 во Националната галерија на Македонија – „Чифте-амам“. Селекторка на делата е Корнелија Конеска, а членови на жирито се Бруно Кора од Италија, Пик Кеобандит од Белгија и Маја Коларик од Србија.
Меѓународното жири ќе додели три рамноправни први награди: за цртеж, графика, комбинирана техника на хартија на Павол Трубен од Словачка; за слика на платно, инсталација, објекти на K.С. Шриватшан од Индија; за фотографија, видео, мултимедија на Филип Јовески од Македонија.
– Посебна награда од жирито ќе добијат: Сунгчан Ким од Ј. Кореја, Никола Марковиќ од Србија и Мари Тераучи од Германија, а посебно признание е предвидено за Аница Китаноска од Италија, Бруно Павиќ од Хрватска, Тодорис Трампас од Грција. Советот на „остен“ ќе им додели награди „златен остен“ на Стивен Балог од Унгарија/САД, Анка Боериу од Романија, Пантелис Цацис од Грција, Лиа Лапити од Кипар и Јана Луловска од Македонија. Наградата „остен“ ќе ја добијат: Татиана Ан од Холандија, Џон Антони од Хрватска, Арлета Чехиќ од Босна и Херцеговина, Филип Лебланк од Белгија и Јудит Штурм од Германија/Шпанија. Посебна награда од „остен“ за индивидуално претставување добива Лисет Солорзано од Куба, за групно претставување – групата БАФ од Грција, а за национално претставување – Италија – велат организаторите.
„Остен биеналето“ (во организација на „Остен Скопје“, Македонија) е манифестација отворена за сè што е ново и е многу посеопфатно од традиционалното, давајќи им предност на дела што ги разбиваат старите и излитени ликовни матрици, дела што имаат специфичен авторски белег или навестуваат обид за исчекор надвор од востановените академски правила, во слободниот простор на создавањето. Биеналето ги предизвикува уметниците да ги поместат конвенционалните граници, како од аспект на користењето на техниките, алатките и медиумите така и од аспект на творечката слобода на изразувањето. Добредојдени се слики, цртежи, графики, објекти, инсталации, арт-видеа, мултимедијална уметност… зашто организаторите сметаат дека идејата е примарна, а изведбата е само изразно средство..
– Заради својата уникатна перспектива за уметноста, заради импресивната колекција на „Остен музејот“ од над 13.000 дела, заради сите креативни и иновативни форми на соработка што помагаат подобро да се разберат и да се вреднуваат уметниците низ целиот свет, како и заради воспоставување на глобално признаениот глас од Скопје, Македонија – „Остен“ е одлична основа за манифестации како што се „Остен биеналето“ и Биеналето на наградени автори. Овие меѓусебно поврзани биенални манифестации ги привлекуваат уметниците од целиот свет, ја едуцираат пошироката публика и ги анимираат професионалците во уметноста (куратори, историчари на уметноста, критичари…), всушност сите оние што овозможуваат увид и продуцираат материјали што ги документираат развојот и движењата на уметноста во нашето време – велат од „Остен“.
„Остен биеналето“ се одржува во парните години, а „Остен биеналето на наградени автори“ во непарните години. В.Д.