Механизмите на ЕУ се покажаа недоволни при одговорот на поплавите во Шпанија / Фото: ЕПА
  • Одговорот на ЕУ на катастрофалните поплави во Шпанија фрли уште еден, подлабок сомнеж за (не)функционирањето на низа механизми во Унијата, како што е на пример ефективноста за заедничко справување со големи предизвици, што го потврдува и изјавата на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. Токму ваквото признание го наметнува прашањето дали ЕУ воопшто има задоволителен степен на системска функционалност и во поглед на други важни прашања (на пример, на процесот на проширување)?!
  • Има ли Унијата реална уиграност и практика со задоволителен степен на интероперабилност за да ја спроведе својата „соодветна методологија во секоја област“?!
  • Доколку нема, што се покажа на многу случаи (сега и во Шпанија), тоа директно ги засега сите оние кандидати за членки што во Унијата гледаат „бенчмарк“, вклучувајќи ја и Македонија

Дамата на најмоќната политичка позиција во Европската Унија (ЕУ), Урсула фон дер Лајен, како европски бирократ капитулира пред силата на природните стихии, конкретно во Шпанија, кога за актуелните поплави, во кои засега е потврдена смртта на 92 лица, изјави дека „најсмртоносните поплави во Шпанија во последните децении се уште еден страшен потсетник дека Европа не е подготвена за последиците од прегреаната атмосфера“. Ваквата политичка лицемерност кон човечките жртви како колатерална штета отвора длабоки дилеми, и во самиот систем на Унијата, но и во државите членки: сериозни дилеми од плански, организациски аспект, потоа од аспект на спроведување, раководење и делегирање обврски, спроведување мерки за брза реакција со вклучување институции од различни ресори и држави… Но тука се и низа морални и политички сериозни дилеми што излегоа на површина…

Болното признание го идентификува нефункционирањето на Унијата ваква каква што е ЕУ

Оваа политички самодеградирачка изјава во која Фон дер Лајен се негира и самата себеси и сите членки на ЕУ во делот на превентивата и заштитата од природни катастрофи, само потврдува дека кризата во функционирањето на ЕУ и меѓу членките на Унијата е многу подлабока отколку што се гледа и признава од нивна страна! Ако се има предвид дека ЕУ од вкупниот буџет, кој изнесува околу илјада милијарди евра, за глобални предизвици, каде што спаѓаат и превентивата и заштитата од природни катастрофи, одвојува шест проценти од заедничката европска каса и дополнителни средства и капацитети од буџетите на земјите членки на локално ниво, ваквото признание не само што го зголемува евроскептицизмот туку и ги прави основани резервите кон функционирањето на ЕУ и заедничките системи за колективна заштита. Особено во вакви ситуации како што се поплавите во Шпанија, каде што бројот на загинатите, кој сѐуште не е конечен, се споредува со број на загинати во некои помали војни во светот!?
И бидејќи ЕУ е и економска заедница, веднаш се поставува и прашањето за реалната сила на собирањето на средствата во заедничкиот буџет од страна на земјите членки, но истовремено и за начинот на неговата распределба и користење, кое последниве години го потресуваат голем број афери. Во една од нив во Јавното обвинителство на ЕУ во Луксембург беше отворена и постои истрага за наводна злоупотреба на европските заеднички пари на членките на ЕУ токму од страна на Фон дер Лајен во ковид-кризата тешка неколку милијарди евра!? Резултатите од истрагата уште не се објавени, а по повторниот избор на Фон дер Лајен за шефица на Комисијата на ЕУ, аферата никој и не ја споменува, што не значи дека и токму таа не е причина за сѐ посериозните конфликти меѓу земјите членки, кои во извесна смисла остануваат поврзани и заради војната во Украина, која ја третираат како заеднички проблем кон Русија!
Во суштината на природната катастрофа во Шпанија, со сочувство кон жртвите, настраданите и огромната материјална штета што секако морала да биде предмет на европските научни истражувачки превентивни и институции за брзи први интервенции, за последиците од поплавите да бидат помали, а изјавите на ЕУ лидерите да не бидат единствена мерка, се поставува и стратегиското прашање на глобално ниво споредено токму со војната во Украина. Ако ЕУ како заедница на 27 земји членки потфрли во првичната спасувачка интервенција во поплавите во Шпанија, колку децении и средства ќе бидат потребни и потрошени за санирањето на воените последици во руско-украинската војна, која секако дека кога-тогаш мора да заврши, и колкава помош ќе треба да се очекува од ЕУ, која директно политички и воено е присутна во воените дејства, во состојба кога поголемиот дел на Украина е целосно инфраструктурно нефункционален, а од државата се раселени над 10 милиони лица!?

Недоветните одлуки влијаат и на земјите надвор од Унијата

Во случајов со превенцијата на поплавите како природна катастрофа во Шпанија и изјавите на Фон дер Лајен не може да се одмине и потцени одговорноста на решенијата на европските лидери, но и реакциите на земјите членки на ЕУ, како што тоа беше се решението на поранешната германска канцеларка Ангела Меркел, која со политичка одлука неконтролирано ги отвори вратите и ги повика азилантите и воените мигранти од Сирија, Пакистан, Авганистан и Блискиот Исток. Сега Германија и на политички и на финансиски план се соочува се сериозна криза, при што како причина се наведуваат токму политичките решенија на владата на Ангела Меркел, од што не се поштедени ниту другите земји членки на ЕУ, а и надвор од ЕУ! Воопшто не е надвор од контекст токму овде да се споменат недоветните одлуки за енергентите и прекинот (откажувањето) на снабдувањето со сопствена базна енергија за европските индустрии?!
Ова прашање секако ги засега и Западен Балкан и Македонија, како предложен формален концепт и проширувањето на ЕУ како дилема на земјите што се кандидираат, но и земјите што внатре во ЕУ очигледно имаат сериозни проблеми од егзистенцијален карактер, како што се деновиве шпанските поплавени градови и стотиците загинати лица, на кои им треба конкретна помош, а не политички изјави.
Дали треба функционално да се почека ЕУ да се реформира и стабилизира, функционално да се почека со проширувањето за да не се страда заедно, или најмудро ќе биде двата процеса да одат конструктивно паралелно, но без потценување и штети на ниту една страна!?