Фото: „Нова Македонија“

Овие европски натпревари се на програмата во периодот мај-јуни в година и ќе претставуваат генерална проба во пресрет на реванш-фазата од квалификациите за европските првенства, кои се играат во август 2025 година

ОДБОЈКА – ВО 2025 ГОДИНА

Машката одбојкарска репрезентација на Македонија трета година во низа ќе биде дел од силното континентално натпреварување, Европската златна лига, откако Извршниот одбор (ИО) на Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ) донесе одлука да достави апликација до Европската одбојкарска конфедерација (ЦЕВ) за учество во изданието за 2025 година.
Машкиот национален тим од 2014 година постојано е дел од годишните натпреварувања на Европската одбојкарска конфедерација и досега има освоено четири бронзени и два сребрени медала, информираат од Одбојкарската федерација на Македонија.
Лани репрезентацијата на Македонија во лигашкиот дел на Европската златна лига одигра шест натпревари, со селекциите на Естонија, Чешка, Азербејџан, Белгија, Хрватска и на Шпанија. Од 12-те репрезентации, Хрватска, Чешка, Украина и Естонија се пласираа на фајналфор-турнирот, победникот Украина и финалистот Хрватска, како и Белгија, се пласираа во Купот челинџер, заедно со уште пет селекции од Азија, Африка, Јужна Америка и од Северна Америка. Репрезентацијата на Кина победи на тој турнир и се пласира во Лигата на нациите.
Извршниот одбор на Одбојкарската федерација на Македонија исто така информира дека женската сениорска репрезентација на Македонија ќе игра во Сребрената лига на Европската одбојкарска конфедерација за 2025 година. Најдобрите македонски одбојкарки вторпат во својата историја ќе бидат дел од ова континентално натпреварување, откако претходно дебитираа во 2023 година.
За машкиот и за женскиот национален тим овие европски натпревари се на програмата во периодот мај-јуни в година и ќе претставуваат генерална проба во пресрет на реванш-фазата од квалификациите за европските првенства, кои се играат во август 2025 година. Г.И.