Фото: Илустрација/Архива

Министерството за здравство информира дека за вакцинација против сезонски грип досега се пријавени над 61.000 граѓани што, како што наведуваат, покажува голем интерес на граѓаните да се заштитат од компликации од сезонскиот грип. Во пунктовите за вакцинација веќе се вакцинирани над 19.000 граѓани.

– Почнувајќи од денеска, мобилните тимови од здравствените установи ќе спроведуваат вакцинација во домовите за стари лица. Вакцинацијата против сезонски грип претставува најефикасна мерка за превенција од грип, која спречува појава на потешки форми, компликации и смртен исход, особено кај ризичните групи – се вели во соопштението.

Од Министерството за здравство потсетуваат дека пријавувањето се врши со пополнување на апликацијата vakcinacija.mk и со тоа директно се регистрираат за вакцинација во системот „Мој термин“.

– Согласно распоредот предвиден во планот за вакцинација, преку смс граѓаните добиваат повратна информација за точниот датум, час и место кога треба да се вакцинираат. Со бесплатна вакцинација се опфатени ризичните групи население, како што се: повозрасни лица (над 65 години), лица со хронични заболувања, здравствени работници, бремени жени, деца на возраст од шест месеци до пет години, како и лица сместени во установи за социјална заштита на стари лица и вработените во установи за социјална заштита на стари лица – стои во соопштението.