Овој пат беше совладан словенечкиот тим Тајфун од Љубљана. Иако победата од 3,5-2,5 важи за минимална, двата бода што шахистите на Алкалоид ги освоија со триумф во четвртото коло ги вбројуваат во европската елита, каде што се наоѓаат само четири екипи со максимален ефект

ЕВРOПСКИ КЛУПСКИ КУП

ШК Алкалоид со четвртата победа во низа на Европскиот клупски куп (ЕКК), во Врњачка Бања (Србија), на кој учествуваат 84 најдобри екипи од Стариот Континент, уште еднаш го покажа својот потенцијал за успех на меѓународната сцена. Овој пат беше совладан словенечкиот тим Тајфун од Љубљана. Иако победата со 3,5-2,5 важи за минимална, двата бода што шахистите на Алкалоид ги освоија со триумф во четвртото коло ги вбројуваат во европската елита, каде што се наоѓаат само четири екипи со максимален ефект, односно осум бода за четирите победи.
Прв својата партија ја заврши велемајсторот (ВМ) Читамбарам Аравинд, искористувајќи ја невнимателноста на поранешниот европски првак Иван Шариќ, со што Алкалоид поведе со 1-0 во мечот. На третата табла Ју Јангји со бели фигури одигра креативна партија со жртва на централен пешак за иницијатива, но, сепак, по долги маневри црниот успеа да ја одржи позицијата со реми-завршница. Очекувано, на првата табла, Арјун Еригаиси со бели фигури, во комплицирана позициона партија долго се обидуваше да дојде до позначајна предност, но противникот успеа да одржи реми-позиција. Многу значајна победа извојува Нарајан на петтата табла, против хрватскиот репрезентативец, ВМ Анте Бркиќ.

При водство на Алкалоид со 3-1, следуваше неочекуван пораз на Ји Веи со црни фигури на втората табла, кој уште од отворањето западна во тешкотии против Нодирбек Јакубоев, кој со репрезентацијата на Узбекистан освои олимписко злато во 2022 година. Конечниот резултат беше поставен откако Александар Инѓиќ во тешка позиција, по долга борба против Самвел Тер Сахакјан, успеа да донесе половина поен за конечна победа со 3,5-2,5 на Алкалоид.
За тоа дека рангирањето во согласност со просечниот рејтинг е само индикација за потенцијалот на еден тим, беше докажано во преостанатите три дуели од четвртото коло, каде што најдобрите осум екипи играа меѓу себе. Прворангираниот Суперчес од Романија доживеа непријатно изненадување од петторангираниот тим Туркиш Ерлајнс, кој прокнижи победа со 4-2, при што уште еден поранешен алкалоидовец блескаше на првата табла, Дмитри Андрејкин, кој му нанесе пораз на ВМ од Индија, Домарају Гукеш, кој веќе следниот месец ќе биде предизвикувач за титулата светски шампион. Слично беше и во дуелот на вториот турски клуб Бајеган Пендик (четврти носител), кој беше поразен од Нагиканижаи од Унгарија (осми носител), исто така со 4-2. Последниот дуел на водечките осум заврши со минимална победа со 3,5-2,5 на Нови Бор од Чешка, кој благодарение на победата на ВМ Винсент Кејмер го скрши отпорот на Ајка Сентименто од Унгарија.
Играчите на ШК Алкалоид по ова коло преноќија на првата позиција на табелата, а веќе вчера во рамките на петтото коло ги очекуваше дуелот со Туркиш ерлајнс, а Нови Бор играше со Нагиканижаи.


Гамбит АСЕЕ подобар од Вајт роуз

Вториот македонски претставник на шаховскиот Европски клупски куп (ЕКК) во Врњачка Бања (Србија), екипата на Гамбит АСЕЕ, ја забележа втората победа, во четвртото коло, со 3,5-2,5, на дуелот со англискиот претставник Вајт роуз (2.133, рангиран 60-ти). Цел поен за скопјани со црни фигури освоија младиот ФМ Андреј Велјаноски (2.308) против ЖИМ Светлана Сучикова (2.168) на третата табла и искусниот ФМ Љубиша Андоновски (2.256) против Сет Возер (1.806) на петтата табла. Поен поделија ВМ Евгени Романов (2.580) со ВМ Даниел Алсина (2.474), ФМ Антон Златков (2.323) со Хари Ли (2.189) и ИМ Никола Николовски (2.388) со Џонатан Арнот (2.082). Единствениот пораз го доживеа, на шестата табла, втората шахистка што игра за македонскиот клуб на отворениот турнир, Катерина Петровска (1.901), од Ји Хинг Жу.
Во следното петто коло играно вчера, ривал на Гамбит АСЕЕ (рангирана 26-ти пред почетокот на ЕКК, со просечен рејтинг 2.377 поени) беше шведската екипа Васа (2.283, рангирана 44-та пред почетокот), која во првото коло беше убедливо совладана со 5,5-1,5 од Алкалоид. По четвртото коло, од предвидените седум на отворениот турнир на ЕКК, со по мaксимални осум екипни бода водат Алкалоид (18,5 поени по табли), Туркиш ерлајнс (19), унгарски Нагиканижаи (18,5) и Нови Бор (18,5). Гамбит АСЕЕ е на 35-то место со четири екипни бода (11,5 по табли).

ФМ Љубиша Андоновски

МШК Центар изненаден од втората екипа на Солинген

Македонскиот шаховски претставник на Европскиот клупски куп (ЕКК) во Србија во женска конкуренција, МШК Центар (2.353, рангиран шести пред почетокот на турнирот), го доживеа и третиот пораз, во четвртото коло, со 1,5-2,5, од втората екипа на германски Солинген (2.078, рангирана 14-та). Единствениот цел поен со бели фигури за македонскиот клуб го освои на четвртата табла ЖИМ Софија Погорелскиј (2.176) против Ева Рудолф (1.852). Ремизира ЖВМ Белослава Крастева (2.274) со Јарослава Середа (1.960), а загубија ИМ Маи Нарва (2.415) од ИМ Ина Гапоненко (2.335) на првата и ЖВМ Викторија Радева (2.282) од Мелани Мудер (1.931) на третата табла.
На ЕКК настапуваат вкупно 18 екипи, а во петтото коло, вчера, скопски МШК Центар за противник ја имаше српската екипа Змај (1.976, рангирана 17-та), во чии редови игра и македонскиот ЖФМ Моника Жежовска. По четвртото коло, со максимални осум бода (13,5 поени по табли) сама во водство е словенечката екипа Тајфун (2.437, рангирана трета пред ЕКК), а потоа со по два бода помалку се четири екипи. МШК Центар е на 14-то место со два екипни бода (седум по табли).

Г.И.