Министерот за здравство Арбен Таравари денеска прими вакцина против сезонски грип. Во изјава за медиумите при посета на Институтот за јавно здравје Таравари рече дека превентивата е најдобар начин за заштита од сезонскиот грип особено за здравствените работници.
Досега, како што изјави, вакцинирани се околу 10.000 граѓани, а пријавени се околу 52 илјади граѓани кои може да се вакцинираат во 36 пункта низ државата.
– Има посебна апликација vakcinacija. mk на која може да се пријават сите граѓани. Досега се пријавени 52 илјади граѓани кои треба да примат вакцина низ 36 пункта во државата. Ја користам приликата да ги повикам сите граѓани особено оние кои се во ранливите категории да ја примат оваа вакција бидејќи со тоа се оневозможува да се појават компликации особено кај повозрасни луѓе кои имаат и други коморбидитети – рече Таравари.
Набавени се околу 70 илјади вакцини за сезонски грип, а вакцинацијата е веќе почната. Во Институтот за јавно здравје може да се вакцинираат здравствените работници, а таму се формирани и мобилни тимпови кои од денес ќе одат по здравствените установи.
– Ова го правиме од три причини – да им олесниме на здравствените работници, да ја зголемиме бројката на вакцинирани и да бидеме поефикасни, да завршиме побрзо и ИЈЗ да продолжи со вакцинација и на останатите граѓани во ИЈЗ – изјави директорката на Институтот за јавно здравје Марија Андонова.
Од Министерството за здравство најавуваат дека во ноември или декември ќе промовираат стратегија за вакцинација во која ќе бидат наведени и законските чекори што можат да ги преземат во однос на активаксерството.
– За жал, антиваксерсрството не само во Македонија, туку и во светски рамки зема се поголем замав. Со Светската здравствена органзиација подготвуваме стратегија за вакцинација и се надевам во ноември или почеток на декември ќе ја промовираме и ќе кажеме законски што можеме да преземеме на овој план – рече Таравари.