Александар Прокопиев за новата песна „Збогум младост моја“
Премиерна изведба на песната „Збогум младост моја“, по текст и композиција на Александар Прокопиев, а во изведба на Бранислав Николов, Гоце Јованоски и на Александар Прокопиев, ќе се случи утре, од 20 часот, во Културно-информативниот центар – Скопје. Настанот е замислен како мини-концерт, на кој, покрај песната, би биле изведени и неколку песни од „Пијан Славеј“ и неколку песни од проектот „Реобмислување“. „Збогум младост моја“ е посвета на Влада Дивљан, лидерот на групата „Идоли“, со кого Александар Прокопиев свирел заедно во неговата белградска фаза. Песната дури и е изведена, во осумдесеттите, на живи свирки во Белград, а сега, со македонски текст, повторно снимена во Скопје, во студиото „Алшар“, а во издание на „Прозарт медиа“.
– Во 1972 година јас бев студент на компаратива и живеев како потстанар кај семејството Галиќ. За среќа, освен што беа прекрасни луѓе, со кои убаво се сложував, имаа многу добро пијано. Во тоа време јас необврзано настапував со некои белградски групи и често на пијаното, на задоволство на домаќините, музицирав. Синот на Галиќи се викаше Владо и беше најдобар гимназиски другар со Влада Дивљан. И нормално, дојдоа таму, Влада веќе свиреше гитара, и така почна нашето долготрајно пријателство. Веќе во јануари 1973 година формиравме група, која се викаше „Мерлин“, а во која настапуваа маалскиот другар на Влада, Зденко Колар на бас гитара, и мојот маалски другар, Никола Поповиќ на тапани. И така почна една многу долготрајна музичко-другарска авантура, кога името на составот се менуваше: почнавме како „Мерлин“, па „Звук улице“ и станавме мошне познати во Белград.
Правевме интересни текстови и композиции, но некаде кон крајот на 1979 година јас продолжив со мојата книжевност, а тие станаа многу познати како „Идоли“. Од сето тоа прекрасно искуство остана едно извонредно другарство со Влада Дивљан, кое наспроти сите животни пресвртници и случувања тогаш, и социјални и политички, остана до крајот на неговиот живот, кога тој, баш пред неколку месеци, дојде во Скопје да ја прими наградата „златна бубамара“. Токму тогаш и свиревме малку. Тие другарства остануваат и по смртта на еден од другарите. Децении подоцна, во едно скопско кафуле Џокси ми покажа фотографии од таа последна наша средба заедничка со Влада. И сето тоа потоа одеше многу брзо и со некој убав касмет. Се сетив на една моја композиција што Влада многу ја сакаше и сакаше да ја снимиме во тие наши последни разговори, но остана како идеја. Кога дојдов дома, видов дека таа композиција многу лесно ми легна. И потоа почнаа тие убави работи – мојот другар Дејан Трајкоски дојде кај мене дома, ја слушна и веднаш ја сними на мобилен телефон. Веднаш му ја пративме на Гоце Јованоски, кому исто така веднаш му се допадна. Веднаш направи извонреден аранжман и потоа со извонредниот глас на Бранислав Николов таа песна стара четири децении повторно оживеа. Интересно е што насловот „Збогум младост моја“ се совпадна со заминувањето на Влада, но од друга страна сведочи за доживотното траење на другарството со една ретка и богата личност – раскажува Александар Прокопиев за песната.