Фото: МНР

Шефицата на германската дипломатија Аналена Бербок по средбата со македонскиот министер за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски во Берлин, изјави дека таа се залага за укинување на едногласност во ЕУ, но додека тоа не се случи, земјава мора да ги почитува компромисите, пренесува Дојче веле.

– Вметнувањето на бугарското малцинство во вашиот Устав е последниот чекор за отворање на првиот преговарачки кластер со ЕУ – порача Бербок по средбата со македонскиот колега Тимчо Муцунски во Берлин.

Средбата доаѓа еден ден по самитот на Берлинскиот процес кој се одржа во главниот град на Германија, на кој лидерите на земјите од Западниот Балкан се согласија на неколку договори кои треба да ја подобрат соработката во делот на економијата и образованието.

На прес-конференцијата по средбата со Муцунски, Бербок зборуваше за уставните измени како клучен чекор кон почетокот на преговорите на Македонија со ЕУ, иако и самата потенцираше дека се залага за укинување на принципот на едногласност во ЕУ, особено во делот на проширувањето.

Таа се надева дека може да се случи пробив на тој план по парламентарните избори во Бугарија на крајот на месецов.

– Знаеме колку е тешко да се направат уставни измени во демократиите и тоа го барав и при мојата последна посета на Северна Македонија. Но, тогаш беше во тек изборна кампања и разбрав дека тогаш овој чекор не беше можен. Сега има избори во Бугарија, и потоа постои шанса која треба заеднички да се искористи – рече Бербок.

Во тој контекст, германската министерка рече дека е најважно лидерството.

– Честопати во политиката се потценува колку е важно лидерството. Важните чекори, меѓу нив и интегративните процеси, секогаш успевале кога политички одговорните имале храброст и покрај негативната општествена атмосфера да го сторат најдоброто за нивната земја. Ние, како Германија, сакаме да помогнеме тоа да се случи и во прашањето на Северна Македонија и Бугарија – рече Бербок.

Според неа, во случајот на Македонија не станува збор за неправда, туку за почитување на правилата на ЕУ.

– Правилата во ЕУ се такви, се одлучува едногласно, и тука не се работи за некаква неправда. Ние не се согласуваме со нашите европски партнери во сѐ, но такви се правилата. Сѐ додека тие правила не се сменат, за што јас лично се залагам, тие треба да се почитуваат – истакна Бербок, дополнувајќи уште еднаш дека без да се направи последниот чекор, патот кон ЕУ нема да може да продолжи.

Фокусот на разговорите на средбата беше за одличните политички и економски односи помеѓу двете земји и цврстото партнерство во изминатите 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи, за поддршката на Германија на нашиот евроинтегративен пат, како и за други актуелни теми од регионален и европски безбедносен аспект.

Министерот Муцунски на средбата изразил благодарност за континуираната поддршка и ангажманот на Германија за досега постигнатиот напредок на нашата земја на патот кон ЕУ, како и за посветеноста на Германија за забрзување на целокупниот процес на интегрирање на земјите од Западен Балкан, особено во рамки на иницијативата на Берлинскиот процес, информира МНР.

-Германија е предводник на европската перспектива на нашата земја и на целиот регион, а силниот фокус на спроведување на реформите останува во центарот на пристапот на новата влада – нагласи Муцунски.

На средбата и во рамките на прес-конференцијата, уцунски изрази убедување дека деблокадата на евроинтегративниот процес преку одржување на втората меѓувладина конференција и итен почеток на преговорите не само што ќе ја зајакне европската реформска агенда во регионот, туку истиот ќе го направи и многу поотпорен на влијанијата од трети земји, притоа тој нагласи дека деблокирањето на нашиот евроинтеграциски процес е прашање од стратешки и безбедносен интерес, како за Регионот, така и за постојаните заложби на ЕУ.