Еди Рама и Џорџа Мелони / Фото: ЕПА

Два миграциски центри беа отворени за работа во Албанија, според договорот меѓу Италија и Албанија, потпишан во ноември минатата година. Прифатните миграциски центри беа жестоко критикувани од организациите за човекови права, но Брисел премолчно премина преку тоа, не земајќи ги предвид мислењата на организациите за заштита на човековите права. Од друга страна, Тирана ги извлече своите бенефиции и искалкулира дека прифатните центри за мигранти на нејзина територија, иако длабоко контроверзни, „ќе ѝ завршат работа да се забрза нејзиниот пат кон ЕУ“… Меѓу другото, центрите ќе бидат и нештото што ќе ја задоволи ЕУ за да може Албанија да се издвои од пакетот со Македонија и да се поттурне кон Брисел…

Контроверзните миграциски прифатилишта во Албанија, според договорот меѓу Рим и Тирана, подготвени за работа

Деновиве Италија отвори два нови миграциски центри во Албанија. Договорот меѓу Италија и Албанија во врска со прифатните миграциски центри беше жестоко критикуван од организациите за човекови права, но Европската Унија, сепак, премолчно го одобри. Центрите за мигранти од страна на организациите за човекови права се нарекувани „логори“ и „европски Гвантанамо“.
Во тие центри ќе бидат сместени мажи пресретнати во меѓународни води додека се обидуваат да преминат од Африка во Европа.

Два центра во Албанија се веќе целосно подготвени и оперативни

Според италијанскиот амбасадор во Албанија, Фабрицио Бучи, центрите се целосно функционални и подготвени да примат луѓе, иако сѐ уште не се знае кога ќе бидат сместени првите мигранти.
– Двата центра се подготвени и оперативни – изјави италијанскиот амбасадор во Албанија, Фабрицио Бучи, при контролата на прифатните центри, како и при посетата на пристаништето, односно градот Шенѓин, каде што ќе се симнуваат пресретнатите мигранти.
Според условите на договорот, центрите во Албанија ќе примаат до 3.000 мажи месечно додека ја чекаат обработката на нивните барања за азил во Италија.
Во тој контекст треба да се напомене дека е предвидено „децата, жените и ранливите групи да продолжат да се префрлаат директно во Италија“.
Договорот, потпишан од италијанската премиерка Џорџа Мелони и од албанскиот премиер Еди Рама во ноември минатата година, ѝ донесе поддршка на Албанија за пристапување во Европската Унија, додека Италија доби извонредна локација за задржување на мигрантите надвор од своите граници.
Премиерката на Италија, Мелони, веќе подолго време се залага за построги мерки против миграцијата. Таа нагласи дека овој план е клучен за намалување на бројот на мигранти што пристигнуваат по морски пат. Мелони изјави дека „овој договор може да стане модел што другите земји би можеле да го применат како дел од пошироката стратегија на ЕУ за решавање на миграциската криза“.

Миграциските центри со „екстериторијалност“ во Албанија?!

Италија инвестира 670 милиони евра во изградба на два центра во Албанија. Центрите се наоѓаат близу градот Шенѓин, околу 75 километри северно од Тирана, поточно лоцирани се во поранешниот воен аеродром „Ѓадер“. Центрите функционираат под италијанска контрола и јурисдикција. А сосема надворешниот периметар го обезбедуваат албански припадници на јавната безбедност.
Италијанската премиерка Мелони рече дека италијанските власти ќе се обидат да ја забрзаат обработката на барањата за азил, за да го скратат процесот на 28 дена наспроти повеќемесечното чекање во Италија. Албанија ќе обработува само апликации од луѓе од земји прогласени за безбедни од Италија, кои ги вклучуваат Бангладеш, Египет, Брегот на Слоновата Коска и Тунис.

Најостри реакции за прифатнитецентри од страна на организациите за човекови права

Голем број хуманитарни организации остро ги осудија постоењето и функционирањето на овие прифатни центри за мигранти во Албанија.
На пример, организацијата „Лекари без граници“ тврди дека договорот претставува „чекор напред во ограничувањата“, спречувајќи ги луѓето не само да ги напуштат своите земји, и тоа на мошне репресивен начин, туку и создаваат висок процент на неможност мигрантите да добијат брз пристап до европската почва.
Пожестоките критичари велат дека центрите потсетуваат на радикалните мерки „слично на оние што се воведени во Турција, Либија и во Тунис, држејќи ги мигрантите подалеку од границите на Европа“.
На договорот остро се реагираше и на италијанската политичка сцена. На пример, еден од лидерите од италијанската опозиција, Рикардо Маги, предупреди дека во Албанија се создава „италијански Гвантанамо“, далеку од меѓународните стандарди и надвор од рамките на ЕУ. Тој додаде дека ваквиот третман на мигрантите потсетува на пренесување луѓе како „пакети или жива стока“, што е неприфатливо според меѓународното право.
Иако УНХЦР не беше вклучен во преговорите за договорот меѓу Рим и Тирана во врска со мигрантите, агенцијата за бегалци на ОН се согласи да го следи спроведувањето на договорот во првите три месеци од неговото спроведување. Организацијата изрази сериозна загриженост за овој план, барајќи дополнително појаснување за тоа како ќе се спроведува договорот. Сепак, таа одлучи да учествува само како набљудувач за да се осигури дека се почитуваат правата и достоинството на мигрантите. Р.С.