Од денеска, преку веб страницата vakcinacija.mk, почна пријавувањето за бесплатна вакцинација против сезонски грип за ризични групи население, соопшти Министерството за здравство.
Набавени се 70.000 дози четиритипна вакцина против сезонски грип, а од Министерството посочуваат дека постојано го зголемуваат бројот на обезбедени вакцини.
Според Министерството, пријавувањето се врши со пополнување на посебна апликација на интернет страницата vakcinacija.mk. На тој начин, секој граѓанин директно се регистрира за вакцинација во системот Мој Термин. Согласно распоредот предвиден во планот за вакцинација, преку смс-порака лицата кои ќе се пријават ќе добијат повратна информација за точниот датум, час и место кога треба да се вакцинираат.
Со бесплатна вакцинација се опфатени ризичните групи: Лица на возраст на над 65 години, лица со хронични заболувања, здравствени работници, трудници, деца на возраст од шест месеци до пет години, како и лица сместени во установи за социјална заштита на стари лица и вработените во установи за социјална заштита на стари лица.
ОД Министерството за здравство потсетуваат дека вакцинацијата против сезонски грип е најефикасна мерка за превенција, која спречува појава на потешки форми на грип, компликации и смртен исход, особено кај ризичните групи.