Фото: Принтскрин

К.К., момчето кое на 3 мај минатата година изврши масовно убиство во основното училиште „Владислав Рибникар“, утре ќе биде сослушано во Специјалниот суд во Белград, на судењето на неговите родители Миљана и Владимир Кецмановиќ.

Момчето ќе биде сослушано како сведок, а како што дознава Танјуг ќе сведочи во посебна просторија, одвоена од судницата број еден каде ќе седат сите останати учесници во постапката.

Најголемата судница на Специјалниот суд во Белград е поделена на три дела, така што во првиот седат судии, адвокати, обвинители и оштетени, а во вториот обвинетите.

Третиот дел од судницата е наменет за публиката и новинарите, но во овој случај судењето е затворено за јавноста. Белградските медиуми јавуваат дека К.К за оваа прилика ќе биде изнесен од психијатриската клиника во која се наоѓа по злосторството и првпат ќе биде изведен на суд. На судењето покрај адвокатот ќе може да присуствуваат и оштетените. Во овој случај им се суди на родителите на момчето Владимир и Миљана Кецмановиќ и на инструкторот на стрелиште Немања Маринковиќ кој е обвинет за кривично дело давање лажен исказ.

Сопственикот на стрелиштето каде малолетниот К.К. научил да пука, Ратко Ивановиќ, склучил спогодба за признавање вина со Вишото јавно обвинителство во Белград, врз основа на што судот го прогласил за виновен за кривичното дело давање лажен исказ и му одредил шест месеци куќен притвор. Миљана и Владимир Кецмановиќ од почетокот на судењето негираат вина.

Во овој случај, судот го затвори судењето за јавноста поради заштита на интересите на малолетните жртви. Таткото на момчето е обвинет дека сторил кривично дело – тешко кривично дело против општата безбедност, бидејќи однел 13-годишно дете на стрелиште и го научил да пука, како и да не чува оружје во куќата соодветно на пропишаното. Мајката Миљана Кецмановиќ беше обвинета затоа што нејзината ДНК била пронајдена на чаура во училницата каде што бил извршен масакрот.

Момчето К.К., кое во моментот на ова кривично дело сè уште немало 14 години и затоа не одговара кривично, на 3 мај во училиште пукал со два пиштоли на татко му, кои ги зел на 1 мај. Кобниот ден ги ставил во ранецот, отишол на училиште и на првиот час уби 10 луѓе, а повредил уште пет деца и наставник по историја.