Фото: Влада

Бугарија сака да ја вовлече темата Македонија во нивното предизборие. Ние во такви замки нема да влегуваме. Имаме цел и интерес кон кои чекориме. Понудата од актуелниот претседател на Владата на Унгарија Виктор Орбан е дадена во име на претседателствувањето со Европската Унија. Сега чекаме кој какви сигнали ќе испрати од Бугарија. Нашиот сигнал е јасен, сакаме решение, но достинствено. Ултиматуми не прифаќаме.

Ова е одговорот на премиерот Христијан Мицкоски на прашањето во врска со ставот на бугарското МНР дека прашањето на процесот на евроинтеграции се заснова на сопствени заслуги и не дозволува посредување меѓу ЕУ и земја-кандидат.

– Бугарија, бугарската Влада, бугарскиот претседател и политичари сакаат сега да ја вовлечат темата Македонија таму во нивното предизборие. Јас сум го кажал тоа повеќе пати, ние нема да бидеме наивни и да влегуваме во такви замки. Имаме наш интерес и наша цел и сакаме да чекориме цврсто кон реализирање на тој наш интерес и нашата цел. Што се однесува до разговорите со нашиот источен сосед ние сме подготвени кога сакаат и врз основа на која платформа или план сакааат да седнеме да разговараме и да најдеме решение и нормално, да ги почитуваме меѓународните стандарди – рече Мицкоски одговарајќи на прашања по поставувањето камен темелник на нов објект на терминалот за стоково царинење со што се означува почетокот од надградбата и реконструкцијата на граничниот премин Деве Баир.

Тој во врска со понудата на Орбан вели дека била дадена исклучиво во име на претседателствувањето со Европската Унија.

– Она што беше понуда од моменталниот претседавач со ЕУ, тоа е претседателот на унгарската Влада Виктор Орбан, е во име на претседателствувањето со Европската Унија. Сега треба да видиме кој во Бугарија какви сигнали испраќа, некој испраќа едни, други испраќаат други сигнали. Кај нас сигналот е јасен  сакаме решение кое ќе биде достоинтвено. Уцени и ултиматуми не прифаќаме – рече премиерот Мицкоски.

Бугарското МНР вчера излезе со став дека процесот на евроинтеграции се заснова на сопствените заслуги и не дозволува посредување меѓу Европската Унија и земја-кандидат. Единствена гаранција за успех, исакнуваат оттаму, е исполнувањето на поставените критериуми и услови, се наведува во ставот на Министерството.

БТА, го пренесе ставот на бугарското МНР, ја цитираше и изјавата на премиерот Христијан Мицкоски дадена интервју на Канал 5, каде што наведува дека унгарскиот премиер Виктор Орбан понудил да биде домаќин на средба меѓу Бугарија и  Македонија „за да се види дали може да се приближат позициите“, за да може Скопје да започне преговори со ЕУ.

– Нека биде Европска Унија арбитер, претседавачот со ЕУ нè кани во Будимпешта да ги решиме однапред сите прашања, да не биде етапно, туку сите, и да нема повеќе пречки и да нема билатеризација на овој процес. Веднаш да почнеме. Унгарскиот премиер Виктор Орбан планираше да ме повика мене и бугарскиот претседател во Будимпешта на разговори како претседавач со ЕУ – рече завчера Мицкоски.

Во интервјуто Мицкоски, како што наведува БТА, кажал дека претставниците со коишто разговарал во Брисел, му кажале дека ја поддржале Преговарачката рамка, бидејќи „поранешниот претседател Стево Пендаровски и премиерот Димитар Ковачевски ги убедиле дека ќе го обезбедат неопходното мнозинство за внесување на Бугарите во Уставот“.

Амбасадорите на земјите-членки на ЕУ на 25 септември донесоа одлука да ги разделат Албанија и Македонија на патот кон пристапување во ЕУ, а првиот кластер Тирана ќе го отвори на 15 октомври.

– Нашата позиција е многу јасна. ЕК се радува на отворање на првите кластери со Албанија што е можно побрзо, а и со Северна Македонија веднаш штом ги исполни критеримумите одредени од Советот – рече тогаш Ана Писонеро, портпаролка на Европската комисија.