Истражување на Центарот за граѓански комуникации
Четириесет и еден отсто од лицата за јавни набавки по државните институции сметаат дека во набавките често има корупција. Најголем дел од нив велат дека најприсутна е корупцијата како последица на политичките интереси и оти поголем генератор на корупција се фирмите отколку луѓето во институциите, покажуваат наодите од истражувањето што ги спровел Центарот за граѓански комуникации.
Анализите на Центарот покажуваат и дека 51 процент од фирмите што учествуваат во јавните набавки сметаат во набавките има корупција, а со неа лично се соочиле 23 отсто од компаниите вклучени во истражувањето.
– Јавните набавки во 2023 година достигнаа рекордно висока вредност и рекордно ниска конкуренција во последните 10 години. Склучени се договори за јавни набавки во вкупна вредност од 1,5 милијарда евра, што е 35 отсто повеќе од претходната година. Според мониторингот на јавни набавки, Просечниот број понуди по тендер изнесувал 2,7. Во една третина од тендерите е добиена само по една понуда. Отсуството на конкуренција е последица на фаворизирачки тендерски документации и загубена доверба на бизнис-секторот во фер натпревар на набавките – се вели во денешното соопштение од Центарот за граѓански комуникации во врска со спроведеното истражување.
Според Центарот, Индексот на рационалност открива големи разлики во цените по коишто институциите купуваат исти производи и услуги. Така, на пример, исти лиценци за компјутерски софтвер се купувани по цени од 6.185 до 23.100 денари.
– Базата на податоци за јавните набавки на општините, пак, открива дека во 2023 година, општините за набавки потрошиле 40 отсто повеќе пари од претходната година и дека само десет фирми добиле 25 отсто од вредноста на сите тендери – покажуваат резултатите од истражувањето.
Извештаите и истражувањата се изработени во рамките на проектот „Мониторинг на јавните набавки“, што го спроведува Центарот за граѓански комуникации, а е финансиски поддржан од Фондацијата Отворено општество – Македонија. Изготвен е Извештај од редовниот мониторинг на јавните набавки, кој вклучува и анкети со фирмите и со претставниците на државните институции, Индексот на рационалност каде што се споредени цените по коишто различни институции набавувале сосема исти производи или услуги и Анализа и база на податоци за јавните набавки на општините за 2023 година.