Фото: ЕПА

Ретка пригода кога Европскиот парламент има моќ врз Европската комисија

Не се случува често Европскиот парламент (ЕП) да владее со Европската комисија (ЕК), но изборот на еврокомесари претставува еден од тие моменти. Во текот на следните неколку недели европратениците ќе одржат сослушувања за 26-те комесари предложени од претседателката на комисијата Урсула фон дер Лајен. Не очекувајте сите кандидатури да бидат одобрени, нагласува „Политико“.
Од 2004 година европарламентот отфрли најмалку еден кандидат во секоја нова комисија. Вкупно седум кандидати влегоа во институцијата како идни мандатари, а излегоа како обични граѓани. Во 2004 година италијанскиот кандидат беше отфрлен поради негови хомофобични и мизогини коментари, додека изборот на летонска кандидатка не доби „зелено светло“ откако парламентот одлучи дека таа не направила доволно за да ги објасни финансиските неправилности од минатото.
Во 2009 година Бугарката Румена Желева мораше да поднесе оставка откако пратениците ја отфрлија поради врски со лоби-фирма и, како што рекоа, поради нејзиното непознавање со нејзиното портфолио. Во 2014 година кандидатот на Словенија беше разрешен по катастрофалниот настап пред комисијата што ја одредуваше неговата судбина. Најголемото одбивање се случи во 2019 година, кога европратениците соборија тројца комесари.
Овој пат, поаѓајќи од своите ретроспективи, истражувања и анализи, реномираните медиуми „Еурактив“ и „Политико“ на тапет ја ставаат кандидатката за еврокомесар од Бугарија, Екатерина Захариева, за која споменатите европски медиуми потсетуваат на скандалите и контроверзиите со кои таа е поврзана од времето додека беше министерка во бугарската влада, вадејќи ги на површина фактите за непринципиелностите и неконзистентноста, па дури и основаните сомнежи за прекршување на законите од страна на Захариева, кои не се процесирани. Во тој контекст, „Еурактив“ ѝ испрати на Захариева список со прашања, од кои некои веројатно ќе ѝ бидат поставени од европратениците за време на нејзиното сослушување следниот месец пред комитетот на Европскиот парламент. Но таа не доставила одговори. Р.С.


По номинацијата на Захариева за еврокомесар од страна на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен“, „Еурактив“ пишува за „скелетите во нејзиниот плакар“, додека европското издание на магазинот „Политико“ ја вброи бугарската кандидатка меѓу петте номинирани комесари што најверојатно се соочуваат со „сеча“ во Европскиот парламент

Зошто изборот на бугарската кандидатка за еврокомесар е доведен во прашање

Скандалите и контроверзиите на Захариева (не)премостлива пречка да биде во европската влада

Изборот на Екатерина Захариева за еврокомесар за стартапи (компании во првата фаза од своето работење), истражување и иновации е доведен во прашање по многубројните објави во европските медиуми за скандалите и контроверзиите со кои таа е поврзана од времето додека беше министерка во бугарската влада. Па, токму затоа се очекува Захариева да се соочи со тешко „преслушување“ пред европратениците што одлучуваат за нејзиното назначување на функцијата.
По номинацијата на Захариева за еврокомесар од страна на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен“, „Еурактив“ пишува за т.н. „скелети во нејзиниот плакар“, додека европското издание на магазинот „Политико“ ја вброи Захариева меѓу петте номинирани комесари што најверојатно се соочуваат со „сеча“ во Европскиот парламент.

Скандалот со продажба на бугарски државјанства не доби судска разврска

Захариева беше основано осомничена за измама поврзана со продажба на бугарски државјанства во 2018 година, додека беше министерка за правда, на што сега потсетуваат медиумите и политичките хроничари и аналитичари.
– Во 2018 година Захариева беше фатена во скандал поврзан со продажба на бугарски државјанства. Како што објави „Еурактив“ во тоа време, поранешен службеник за имиграција ја обвини Захариева за измама додека беше министерка за правда. Захариева ги негираше обвиненијата, при што немаше судско надоврзување за случајот, но нејзините политички противници се желни да ги потсетат сите за нејзината поврзаност со скандалот – наведува „Политико“.
Во 2018 година, кога Захариева беше министерка за правда во кабинетот на Бојко Борисов, Бугарија ја потресе голем корупциски скандал во врска со нејзиното доделување бугарски пасоши на странци во замена за мито од 5.000 евра, истакнува „Еурактив“. Коалициската партија во кабинетот на Борисов, ВМРО-БНД, наводно била во центарот на скандалот, иако сè уште не се изречени никакви пресуди.
Реномираниот „Еурактив“ издвојува уште една констатација, поврзана со Македонија.
– Спорно е и тоа што Захариева во 2019 година предложи назначување на македонскиот бизнисмен со бугарски пасош Јордан Камчев за почесен конзул на Бугарија во Македонија. Камчев беше санкциониран од САД за корупција во 2023 година, по што не стана почесен конзул, што ќе му дадеше дипломатски имунитет. Захариева беше прашана и дали членовите на нејзиното семејство имале деловни зделки со фирми поврзани со Камчев – пишува „Еурактив“.

Се испитува влијанието при изградбата на „Турски тек“

Во времето на владата на Борисов, Бугарија го изгради гасоводот „Турски тек“ низ нејзината територија, што се смета дека е во интерес на Русија. Истражувачкиот новинар Николај Стајков од невладината организација „Фонд за борба против корупцијата“ изјави за „Еурактив“ дека според објавени мејлови, Захариева ѝ помогнала на Русија да добие пристап до стратегиската инфраструктура.
Откако реформската влада на Кирил Петков одби да го плати рускиот гас во рубли, Бугарија не доби руски гас, но продолжува да транзитира до Србија, Унгарија и Австрија.
Овојпат, лидерите на политичките групи во европарламентот велат дека сакаат работите брзо да се завршат за да може новата Комисија да почне да работи. Тоа значи дека во одредени случаи би можеле да се воздржат од одбивање на кандидатурите, за да се избегне судир меѓу ривалските партии, но не се очекува таква разврска, заклучува „Политико“. Р.С.