Фото: ЕПА

ШАХОВСКА ОЛИМПИЈАДА ВО БУДИМПЕШТА

Македонските шахисти во 10-то коло го победија Кинески Тајпеј со 2,5-1,5 и во пресрет на вчерашното последно коло беа на 40-то место, а шахистките загубија од фаворизираната Австрија со 1-3 и беа 65-ти. Во двете конкуренции водеше Индија

Репрезентацијата на Македонија по поразот во деветтото коло од Шведска (1,5-2,5) во 10-то претпоследно коло на 45. Шаховска олимпијада (ШО) во Будимпешта го победи Кинески Тајпеј (рангиран на 98-то место пред почетокот на ШО, со просечен рејтинг од 2.211 поени) со 2,5-1,5. За Македонија (рангирана на 62-то место, 2.421) ова беше шести триумф и со 12 бода (26,5 поени по табли) е на 40-то место меѓу 197 селекции.

ИМ Тони Лазов продолжи да игра во голем стил, забележа нов поен, овој пат на првата табла и засега е најдобриот македонски шахист во Будимпешта (7,5 поени од осум партии, досега има плус 32,7 рејтинг-поени). Во последното коло со победа има реални шанси да освои еден од медалите на втора табла, каде што по 10 кола беше четврти според рејтинг-перформансот од 2.763 поени. Четвртата победа ја оствари и ФМ Антон Златков, ИМ Емил Ристески ремизира четврти пат, а третпат загуби ИМ Никола Николовски. Вчера во последното 11-то коло Македонија играше со Летонија (рангирана 40-та, 2.502).

Македонските шахистки (рангирани на 57-то место, 2.026) го доживеаја третиот пораз во Будимпешта, откако со 1-3 загубија од посилната Австрија (рангирана на 30-то место, 2.214). ЖФМ Моника Стојковска и Ивана Манова ремизираа со ривалките, а загубија Моника Жежовска и Сања Трајковска. Македонките по 10 кола беа на 65-то место со 11 бода (22 по табли) меѓу 181 селекција. Вчера играа со Шри Ланка (рангирана на 74-то место, 1.900).

Индија е незапирлива на отворениот дел. Клучниот меч против САД го добија со 2,5-1,5, што беше нивна деветта победа, благодарејќи на Гукеш и Еригаиси, кои ги победија Каруана, односно Домингез. Кина го совлада Узбекистан со 2,5-1,5.

Словенија е изненадувањето на оваа ШО, која со победата против Холандија изби на третото место со 16 бода и вчера играше со Индија. Кај шахистките Казахстан одигра нерешено со Грузија, а Индија ја совлада Кина со 2,5-1,5 и пред 11-то коло Индија и Казахстан беа на врвот, а имаа и ист број поени по табли (по 27,5). Борбата за медали беше многу неизвесна, оти САД и Полска заостануваат зад водечките само со по еден бод. Г.И.


ШО 2024, 10. КОЛО

Македонија – Кинески Тајпеј 2,5-1,5
ИМ Тони Лазов (2.360) – ИМ Аделард Баи (2.378) 1-0
ИМ Никола Николовски (2.388) – ВМ Рејмонд Сонг (2.503) 0-1
ИМ Емил Ристески (2.367) – ФМ Веи Јанг (2.121) реми
ФМ Антон Златков (2.346) – Тинг-Хао Ванг (1.842) 1-0

Австрија – Македонија 3-1
ЖВМ Теисл Регина (2.302) – ЖФМ Моника Стојковска (2.043) реми
ЖИМ Вероника Екслер (2.176) – Ивана Манова (2.032) реми
ЖИМ Јасмин Денисе Шлофер (2.168) – Моника Жежовска (2.107) 1-0
ЖИМ Елизабет Хапала (2.113) – Сања Трајковска (1.920) 1-0