Ракометарите на Вардар ја забележаа и шестата победа во годинашнава Лига на шампионите (ЛШ), откако вечерва во СЦ „Борис Трајковски„ во Скопје, во рамките на 10. коло, минимално го совладаа полскиот првак Киелце со 28-27.
Ова беше седми меѓусебен дуел на двете екипи во ЛШ, а поуспешен е полскиот првак со четири победи и три порази. Во некомплетното коло во групата А, со овој триумф избраниците на Роберто Парондо избија на втората позиција на табелата со 13 бода, еден повеќе од Киелце.
Првото полувреме со три гола предност (14-11) го добија црвено-црните, кои во текот на сите 30 минути го диктираа темпото на игра и постојано беа во резултатска предност, која најизразена од по пет гола, беше во три наврати 12-7 (22 мин.), 13-8 (23 мин.) и 14-9 (26 мин.), со головите на десните бекови, Игор Карачиќ и на двапати Кристијан Дисингер. Сепак, во финишот на овој дел Полјаците успеаја да намалат на три гола негатива. Одличен на голот на Вардар беше Дејан Милосављев, кој одбрани три зицер-удари.
Многу повозбудливо беше второто полувреме, а посебно неговата завршница. Вардарци повторно ја имаа играта и резултатот во свои раце, посебно што на три пати имаа солидна предност од пет гола (21-16, 22-17 и 23-18), но упорните Полјаци не се предаваа, а во финишот на средбата успеаја на два пати да дојдат и до гол-негатива (25-26 26-27), но скопјани сепак, ја зачуваа предноста и двата значајни бода.
Најефакасни кај Вардар беа, десниот бек Даинис Кристопас со пет гола од девет обида и централниот бек Сташ Скубе со четири погодоци од исто толку шута, додека кај гостите десниот бек Алекс Душебаев со пет гола од девет обида. Голманот на Вардар Милосављев имаше 12 успешни интервенции. Следи пауза поради Светското првенство (СП), а следниот меч Вардар ќе го игра на 6 февруари 2019 година на гости против бундеслигашот Левен.
Г.И.