Кон изложбата во „Даутпашиниот амам“, на Националната галерија на Македонија, по повод 120 години од раѓањето на Томо Владимирски, еден од основоположниците на македонскиот модернизам во ликовната уметност

Александар Василевски

Подолго време со нетрпение чекав да се отвори јубилејната изложба по повод 120 години од раѓањето на сликарскиот маг Томо Владимирски, на 5 септември во „Даутпашин амам“. Сепак се исплатеше чекањето, бидејќи кога пристигнав имаше и што да се види од неговиот богат опус, а пријатна беше и глетката, полно како око.
Не губев многу време, туку веднаш се упатив во освојувачки поход. На самиот влез од галерискиот ходник ве пресретнува доминантниот „Автопортрет“, извонредно дело, платно на масло, каде што во преден план се неговите пробивни очи, кои се во тиха дискусија со вас и како да ви велат да го оставите на раат да ја допуши цигарата. Претставата е симетрично хроматски прецизирана каде што главниот акцент е на окерастата и кафена валерска варијација.

Со повеќето пријатели со кои дискутирав најдовме еден заеднички фаворит, а тоа е „Лежечки акт“, фигура на елегантна девојка како се потпира со сталожена аура и минуциозност, а контрастот од огнената црвена го навестува сензибилитетот на Гоген. Во „Портрет на работникот“ е доловена психолошката сугестија на истоштеност, а тажните очи го носат товарот на чемерот, вратот се обидува да биде подисправен достоинствено, кошулата едвај стои, а над неа е надвиснат предимензираниот капут на рамениците. Опскуранта заднина ја симболизира неговата егзистенцијална судбина прашувајќи се дали постои излез од стекнатиот амбис. За мене Владо Георгиевски беше еден од нашите најдобри сликари, кој освен тоа што наоѓал инспиративен занес кај Доменико Теотокопулос, попознат за широката јавност и кај нас како Ел Греко, очигледно некој флуид презел и од „Портретот на работникот“ од Владимирски.

Компактна зрелост на стоицизам гледаме во пејзажните дела „Радика“ или извонредните претстави од „Градскиот парк“ во Скопје каде што комбинира маслена техника со темпера и го достигнува зенитот на хроматски еквилибриум со ултрамарин со претстава на водата, а небото го сигнифицира со париска сина. Оваа комбинација можеби е во дослух со сликарската магија на рускиот пејзажен маестро Шишкин.
Симплицифираниот ракопис од Владимирски нѐ води низ платната како низ филмска лента сочинета од мозаични пејзажи, но и минуциозно срочена слична на калиграфијата, а овде вреди да се пофали одличната анимација на платно што беше ексклузивитет на изложбата на неговите дела. Дали можеме да споредиме некои од делата на Владимирски со оние на големиот Вламенк, но тој успева да го зачува својот сензибилитет. Како роден скопјанец се задолжил со солидна претстава на скопските мотиви како Турската чаршија, Скопското кaле и прекрасната претстава на реката Вардар. Едно од ретко непрепознатливите дела зад кои стои неговиот потпис е „Мртва природа на кокошка“, каде што неубедливо изгледа кокошката со својот грандиозен волумен, а речиси непрепознатливи се зелките, кои покрај креденецот и чинијата ја имаат зачувано својата автентичност.

Вистинската дарба од неговата палета се осведочува во ноктурните пејзажи „Прага“, „Скопје“ и „Радика“, при што жолтата боја триумфира како кралица во златна облека, посебно мислам на „Афиони“, „Оризови полиња“ и „Жито“. Секако тоа е уште една афирмативна констатација кога станува збор за македонскиот бард Владимирски, кој со право може да се каже дека, освен тоа што е втемелувач на македонското современо сликарство, долго време ќе треба да помине за некој да го наследи неговиот неоспорен талент.